Барселона ги шокираше своите навивачи бидејќи беа поразени на домашен терен од Гранада со 2:1 во 33. коло од Ла Лига.
На каталонскиот клуб му требаше победа за да поведе во Ла Лига и се чинеше дека тоа ќе се случи без никакви проблеми.
Барселона успеа да поведе со 1:0 во 23. минута од натпреварот кога нов гол оваа сезона постигна Лионел Меси. Сепак, во второто полувреме гостите направија неверојатен пресврт.
Гранада најпрво израмни на 1:1 во 63. минута кога голот го постигна Мачис, а домашните беа целосно шокирани во 79. минута. Потоа на сцена стапи 39-годишната Молина, која со одличен удар со глава го совлада Тер Штеген за големата победа на Гранада.
Со овој пораз Барселона максимално ја комплицираше ситуацијата во борбата за титулата. Тие имаа сè во свои раце, но тоа веќе не е случај. И во случај да ги забележат сите победи до крајот, Барселона ќе зависи од резултатите на Реал и Атлетико Мадрид.
Навивачите на каталонскиот клуб најмногу го обвинуваат Роналд Куман за овој пораз, кој очигледно беше изненаден од „бункерот“ на Гранада, а по голот од 1:1 доцнеше со реакцијата и промените.
Да биде работата уште полоша, тој доби црвен картон во 66-та минута од натпреварот, бидејќи го навреди четвртиот судија и мораше да го гледа остатокот од мечот од трибините.
После натпреварот, Куман се обиде да објасни зошто неговиот тим е поразен.
„Загубивме единствено поради недостаток на концентрација во одбраната. На првиот гол мораше да ја исечеме топката и да оставиме помалку простор. На два натпревари не сме добри во дефанзива и тоа не смее да се случи. Ова е тежок удар, но мора да продолжиме и да се обидеме да славиме на преостанатите натпревари“.
„Разочарани сме. Утре започнуваме со работа и ќе се обидеме да ги добиеме следните пет натпревари. Треба да бидеме подготвени за недела и за натпреварот против Валенсија“, рече Куман, осврнувајќи се на црвениот картон што го доби.
„Ми се чини дека четвртиот судија вечерва сакаше да биде во центарот на вниманието. Не разбирам зошто, не реков ништо лошо, не го навредив судијата на кој било начин. Разговарав со четвртиот судија а потоа тој рече нешто за да покаже дека не ме почитува. Јас му реков едно, но тој покажа непочитување кон мене со неговиот одговор и јас возвратив. Сепак, повторувам, не го навредив на кој било начин“.