Репрезентацијата на Шведска се пласираше на Европското првенство оваа година, а од таму потајно се надеваат дека повторно би можеле да уживаат во мајсториите на Златан Ибрахимовиќ во жолто-синиот дрес.
Дејан Кулушевски, играчот на Јувентус ја повика ѕвездата на Милан да се врати во националната селекција.
– Би било одлично да ни се придружи на Европското првенство. Тоа би го сакале и поддржувале навивачите – рече Кулушевски.
Тој додава дека е импресиониран од пофалбите на Ибра, кој и натаму е во одлична форма на 40 години и се бори за титулата во Серија А во дресот на „росонерите“.
– Ние често се допишуваме, си испраќаме пораки. Тој е идол за мене, бидејќи ретко кој на светот може да го направи она што тој го прави. Кога ме фали, тоа ме тера да работам уште понапорно следниот ден на тренинг, бидејќи сум толку горд на неговите зборови – додаде Кулушевски, поранешниот У17 македонски репрезентативец.