Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПНЕ Орце Ѓорѓиевски денес на жителите на Шуто Оризари им вети низа инвестиции што ќе создадат подобра локална инфраструктура, повеќе јавен простор и нови можности за спорт, култура, и социјална поврзаност пред се. Нов фудбалски стадион и нов културен дом кој ќе го носи името Есма Реџепова се главните проекти за Шутка.
„Во Шуто Оризари планираме изградба на нов културен дом ’Есма Реџепова’ на местото на старото матично. Ќе вложиме во културата како темел на заедништвото и локалниот идентитет овде. Домот ќе биде простор за театар, концерти, изложби, кино проекции и младински активности, но и симбол на достоинство, традиција и културна енергија на Шуто Оризари. Со тоа ќе оддадеме и посебна почит кон големата Есма Реџепова амбасадорка на ромската култура која со својот глас го претставуваше не само Шуто Оризари туку, Скопје и цела Македонија во целиот свет“, рече Ѓорѓиевски.

Со изградбата на нов фудбалски стадион во Шутка, Ѓорѓиевски очекува да се создаде современ спортски комплекс со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални, осветлување и пристапна инфраструктура. Заедно со изградбата на новиот фудбалски стадион, Ѓорѓиевски предвидува и обнова на спортскиот центар Шуто Оризари, со целосна реконструкција на терените, засадување нови дрвја, зелени површини и нова урбана опрема.

И на жителите на Шутка Ѓорѓиевски им вети расчистување на депониите во првите 72 часа од преземањето на власта

На жителите на Шутка Ѓорѓиевски денес им го претстави проектот „Скопје, град кој се грижи за сите“ кој предвидува пакет социјални мерки со кои ќе се обезбеди системски одржлива и праведна поддршка за граѓаните во социјален ризик.

„Планираме градот да обезбедува поддршка за социјално загрозените семејства и поединци преку финансиска помош, хуманитарни пакети, психо-социјална поддршка и програми за образование и преквалификација“, рече Ѓорѓиевски.
Вложувањата во Шутка, Ѓорѓиевски ги претстави како дел неговата визија за Скопје како град кој расте рамномерно и создава можности за сите бидејќи, како што рече, Скопје е силно само кога сите негови општини се силни.
И на жителите на Шутка им вети расчистување на депониите во првите 72 часа од преземањето на власта заедно со Општината, граѓаните и општествено одговорни компании. Шуто Оризари е обиколено со големи диви депонии, а мини депонии има и на речиси сите места каде што се поставени контејнери и канти за отпад.

Текстот Културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично во Шутка вети Орце Ѓорѓиевски: Вака ќе и оддадеме посебна почит е превземен од МАКФАКС.