Чинија топла супа или чорба го поттикнува апетитот и го подготвува желудникот за главното јадење. А во овие зимски денови тие се одлични да ве загреат, ако се вкусни, богати и ако заситуваат. 

При подготовка на супите од зеленчук сол се става на крајот, кога таа е веќе варена. Со цел да си олесните можеби често сакате да користите коцки за бујон, но многу подобар вкус и мирис се добива со производи кои се ставаат директно во супата. Можете само кратко да ги пропржите на путер или маслиново масло, пред да ги додадете во супата.

Друг начин е супата да се вари на пареа во поклопен сад. За таа цел во тенџере ставете вода, зависно колкава количина супа сакате, па додајте ги сите производи и зачини во садот и затворате го со капак. Ставате го на силен оган да се загрее пет минути, а потоа намалете ја јачината на шпоретот и варете околу еден час, без отворање на капакот. На крај кога е готова супата, исклучете ја ринглата, тргнете го капакот и додајте брашно изматено со малку ладна вода, за да не се создадат грутки. Исто така можете да ја згуснете со додавање пире од компир или разматено нишесте со вода.

По избор на крај од варењето можете да направите запршка или да додадете матени јајца, павлака, млеко и сл.

Месни чорби

При правење чорби од телешко, јагнешко или свинско, најдобро е да користите коленица, гради или плешка, а од пиле – крилца, грб или копани. Месото секогаш се прелева со ладна вода. Во бујонот можете да додадете излупена и запечена главица кромид, вкусот ќе биде незаборавен. Кога ќе зоврие течноста, се прави пена на површината која можете да ја отстраните со решеткаста лажица, бидејќи тоа се згрутчени белковини кои немаат никаква хранлива вредност. Чорбите со месо се посолуваат на половина од нивната подготовка.

Соодветни зачини за чорби од телешко и свинско се магдонос, целер, лаворов лист, мускатно оревче, чубрика, црн пипер и мајчина душичка, за јагнешко – нане, магдонос, целер, за пилешко – магдонос, целер, рузмарин, босилек, оригано, црн пипер, лимонов сок. Месните супи исто така можат да се запржат и згуснат како и супите од зеленчук.

Чорба од риба

За подготовка на рибја чорба се користат коски, глава и ’рскавици од помрсни риби (сом, крап, иверка и др.). Најлесно е да ги ставите коските заедно со неколку зрна бибер врзани во газа. Рибјата чорба се вари брзо, за околу 20 минути, а може да се користи зеленчук по избор – моркови, целер, пашканат, праз и др., додека како зачини може да се додадат копар, лимонов сок, магдонос, рен, нане и др.

Чорби од зрнести култури

При приготвување чорба од грав или леќа, треба да го почитувате правилото да односот вода- производ биде 5:1. Соодветни зачини за гравот се нане, сушени црвени пиперки, целер, магдонос, чубрика. Во чорбата од леќа задолжително додадете чешниња лук, вински оцет, чубрика, магдонос и црвен пипер.

По желба во супите и чорбите можете да додадете кубети од препечен леб или пак тостирани брускети од леб, можете да изрендате пармезан, чипс од сланина и сл.