Атанас Величков
Кукавичлукот на едно детиште со кола, ни ја удри во фаците хуманоста на семејството Белчовски… и ја направи Верче, хероина за неколку дена…
Топ поентата во моментите кога сите ние се восхитувавме на покажаната хуманост од страна на семејството Белчовски, кои дозволиле органите на својата прерано загината ќерка да бидат донирани, за да се спасат други човечки животи ја даде почитуваната професорка од правниот факултет „Јустинијан Први“, Каролина Ристова- Астеруд.
Таа со неколку реченици на брилијантен начин, го постави и основниот проблем, а имено дека Верче стана донор на органи откако била прегазена на пешачки, а сторителот на делото се уплашил и побегнал од местото на несреќата.
Вчера благодарение на материјалот на колешката Мирослава Брнс од „Слободен печат“ дознавме дека процедурата околу младиот шофер откако конечно одлучил да се пријави во полиција, била зачувана. Земени му се примероци од крв и урина за да се дознае дали за време на трагичниот настан бил под влијание на дрога или алкохол, момчето дало изјава, поднесена му е кривична пријава, одземен му е пасошот, се врши вештачење на автомобилот и се чека истрагата да утврди дали делото е извршено со умисла или без умисла, бидејќи од тоа ќе зависи колкава казна затвор ќе биде предложена.
Делото е убиство и без разлика што ќе утврди истрагата казната затвор ќе биде безобразно мала. Исто како онаа на ликот што ја прегази Фросина на булеварот „Партизански одреди“, повторно на пешачки премин, ако се сеќавате. Догодина истиот тој лик ќе биде на слобода.
Драги мои, кога возиш со недозволена брзина во населено место, сакал или не стануваш потенцијален убиец со умисла. За тоа не знам какви олеснителни околности може да има. Уште колку Фросини, Верици и др треба да си заминат, за да сфатиме дека нашиот молк е основната причина некој да седне во кола, да вози како каубој што јава бик на родео и да убие. Олеснителните околности се тука за да му испорачаат казна затвор од соништата…
Би сакал да им се обратам на родителите на младите возачи.
Почитувани, внимавајте со вашите деца. Објаснете им дека возењето кола не е алатка за побрзо наоѓање на сексуален партнер или пак девојка или дечко за озбилно. Објаснете им дека возењето кола е одговорност и дека истото се одвива според правила, правила кои спасуваат животи. Објаснете им дека не треба да бегаат од местото каде што направиле сообраќајна несреќа. Објаснете им дека треба да побараат помош. Објаснете им дека нема да им помогнат врските што ќе ги фатите за да поминат со лесно, ако убиле некого на пешачки, бидејќи тоа ќе ги измачува додека се живи. Седнете и разговарајте за тие работи со вашите деца, оти вашите деца стануваат потенцијални убијци на нечии други деца, а тоа е ужасно. Која ќе биде вашата олеснителна околност… му/ѝ реков да не ја зема колата, ја земал/а скришно… Жалам ама не поминува.
Почивај во мир Верче!