Куба има сон – да произведе толку многу вакцини против ковид-19, не само да може да го вакцинира целото население на островот, туку вакцините да им ги дава на пријатели и сојузници ширум светот, пишува НПР. Вакцините би биле толку многу што кубанските власти дури и бесплатно ќе им ги нуделе на туристите по пристигнувањето на аеродромот во Хавана.
И ова не се само празни желби. Иако островската држава се соочува со разорна економска криза, а луѓето стојат во ред за основни прехранбени производи, научниците развиваат повеќе типови вакцина. И барем еден од нив, веројатно, навистина ќе влезе во употреба. Доколку успее, Куба би била првата латиноамериканска земја која ќе направи своја вакцина – и тоа не е невозможно сценарио. Оваа земја има историја на развој на вакцини, вклучително и вакцина против рак на белите дробови, која сега се тестира во Центарот за карцином на САД.
– Advertisement –
Оваа необична ситуација покажува колку е невообичаена Куба – една од последните комунистички земји во постсоветската ера. Таа беше специфична и во нејзиниот одговор на пандемијата.
Во поголемиот дел од 2020 година, Куба успеа да ги задржи бројките на заразени со ковид на неверојатно ниско ниво, така што во некои денови беа пријавени само еден или два случаја.
Вирусот се прошируваше само кога земјата повторно се отвори за туристите во ноември минатата година.
На почетокот на овој месец, Дагмар Гарсија Ривера, директор на одделот за истражување на институтот за вакцини „Финлеј“ во Хавана, рече дека еден од петте кубански кандидати за вакцина, „Соберана 2“, се чини мошне ефикасна и влегува во последната фаза на клиничките испитувања.
– Ова е прва кубанска и латиноамериканска вакцина што оди на испитувања во фаза 3, изјавил Гарсија на прес-конференцијата. Клиничкото испитување во фаза 3 ќе вклучува 44.000 лица и е последниот тест на вакцината пред да биде испратена за одобрување до Националната регулаторна агенција на Куба, Центарот за државна контрола на лекови, опрема и медицински помагала (СЕКМЕД).
Во истиот тој револуционерен дух, Куба не се ни обидува да купи вакцини од мултинационални фармацевтски компании. Ниту, пак, се потрудија да се пријават на иницијативата за споделување на дози COVAX, предводена од Светската здравствена организација, која обезбедува бесплатни или ефтини вакцини за земјите со ниски ресурси. Немаше јасно објаснување за оваа одлука, иако може да се претпостави дека властите имаат огромна доверба во развојот на сопствените вакцини.