„Куќата на границата“ на Регионалниот театар од Нови Пазар е на репертоарот на вториот ден (20.11.2025) на МОТ, дело на Славомир Мрожек, во режија на нашиот Андреј Цветановски.

„Куќа на граница е приказна која зборува за една фамилија која сака само да живее мирно, и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати кои сакаат да нацртаат граница која поминува насред куќата. Звучи познато нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземање сé што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат, се додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира“ – вели Цветановски.

Претставата е одлична илустрација за тоа до кој степен сме способни да се понижиме себеси, слепо почитувајќи ги бесмислените бирократски норми на „новиот“ свет, кој од нас треба да направи покондурени господа.

Како креативен македонски тим на претставата покрај режисерот се и Димитар Андоновски автор на музиката и Сергеј Светозарев на сценографијата.

Претставата ќе биде изведена на сцената 25 Мај, МКЦ во 20 часот.

А пред неа во 19 часот во холот на МКЦ ќе биде поставена уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ на архитектот и сценографот Костантин Трпеноски, која на границата помеѓу реалното и имигинарното нуди визуелно и сензорно доживување на просторот во холот на МКЦ. Настанот е воедно и ретроспективен поглед на неговите театарски сценографии „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и приказ на други негови актуелни сценски дизајни.

Текстот „Куќата на границата“ на репертоарот на вториот ден на МОТ е превземен од МАКФАКС.