Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапувајќи по претставка поднесена од невладината организација „ДЕЛО“ утврди вознемирување врз основа на етничка припадност од страна на Димитар Џундев, како одговорно лице на здружението „Млади за Македонија“.

„Се утврдува вознемирување врз основа на етничка припадност од страна на Димитар Џундев кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска етничка припадност “, стои во мислењето на КСЗД од 11 мај 2023 г.

Во образложението на донесеното мислење на антидискриминаторската комисија се наведени навредливите епитети што Џундев ги користел на адреса на Бугарија и бугарскиот народ.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му препорачува на Џундев да ги избрише спорните објави и јавно да се извини за напишаниот текст, со кој е извршено вознемирувањето врз основ на етничка припадност врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска етничка припадност.

„Јавното извинување треба да го објави на фејсбук страната на Здружението „Млади за Македонија“ во рок од 30 дена, од денот на приемот на ова мислење и за истото писмено да ја извести Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, стои во мислењето на КСЗД.

Од таму исто така му препорачуваат на Џундев во иднина да се воздржи од објавувањето на текстови кои содржат вознемирувачка содржина на база на етничка припадност.

Во документот на КСЗД се наведува уште дека доколку Џундев не постапи според донесената препорака, врз истиот ќе биде поднесена прекршочна пријава од страна на Комисијата.

Целото мислење прочитајте го овде.