Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на денешната седница донела одлука да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука поради недостигот на учебници во основното образование.
-Комисијата на денешната седница донесе одлука да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (action popularis) против Министерството за образование и наука заради повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование, се наведува во соопштението на КСЗД.
Можноста за тужба пред суд против МОН вчера на прес-конференција ја најави Весна Бендевска, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која посочи дека доколу донесат одлука за тужба, тоа би било прв случај КСЗД да побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.
Таа вчера соопшти дека од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година Министерството за образование и наука не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто учебници. По сите наставни предмети и на сите наставни јазици учебници ќе имаат само учениците во прво и второ одделение.
По минатогодишното доцнење на учебниците и констатацијата од КСЗД дека е направена продолжена дискриминација врз учениците, Комисијата во јуни годинава упати препорака до МОН да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици најдоцна до 31 август и да достави писмен извештај.
Според извештајот што бил пратен од МОН, една третина од учебниците и оваа година не се обезбедени. Како што рече Бендевска, утврдиле дека МОН не ја отстранило повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок (31 август), што било негова законска обврска.
-Со ваков недостиг на учебници, констатираната дискриминација не само што не е отстранета за оваа учебна година, туку е од многу поголеми размери од оние што Комисијата ги утврди на крајот на јуни 2023 година. Кога една препорака не е спроведена, Комисијата има обврска да покрене прекршочна пријава против утврдениот дискриминатор. Но, во овој случај станува збор за дискриминација на многу голема популација. Голем број ученици кои учат на различни јазици во основното образование остануваат без учебникот како основно средство за стекнување знаења и образување. Таквата форма на дискриминација, според законот, е структурна, системска, што ја прават институциите. Во таков случај Комисијата, согласно законот, има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата, истакна вчера Бендевска.
Таа го претстави извештајот добиен од МОН за статусот на сите учебници што се потребни во основното образование, што го добиле на нивно барање. За учебниците што недостигаат, како што рече, често била наведена формулацијата „во завршна фаза“, или „пред печатење“, или дека на објавен повик за учебници нема пријавено автори, или тие се „несоодветни според нормативот за наставен кадар“, а повици за авторски тимови за изработка на ралописи за учебници МОН има објавувано и пред самиот старт на учебната година.