Владимир Перев
Го чекаме Божик или Коледе, како би рекле некои од нашите предци. Секогаш со радост, светли мисли и убави желби за иднина. Сепак, некои меѓу нас со свиено срце се сеќаваат на оној, сега веќе релативно далечен Божик 1945 година, кога еден дел од македонските војници и офицери, некои од нив и дел од македонската интелигенција во тоа време, пострадаа во чистката наречена “Крвавиот Божик на скопското Кале во 1945 година“…и не беше само Кале, тука беа и градовите како Штип, а подоцна, како последица на настаните и други места во Македонија.
Времето ги прекрило трагите и врз нив налегнал заборавот. Ама, не е сѐ заборавено. Јасно е дека на “Крвавиот Божик 1945“ имало и убиени без суд и пресуда, имало и судени во инсценирани процеси, но имало и многумина подоцна ослободени. Оправдување за чинот нема и не може да има. Прикаските од типот дека “такво било времето“, во ова време не поминуваат. Причината е јасна. Секој од нас сака да го има “пиштолот во рака“ и да спроведува идеја и идеологија, за подоцна да може да каже дека “времето беше такво“…ама никој од нас не сака да биде на страната на оние врз кои “се спроведувало времето“ и идејата. Впрочем и не е важно колкав бил бројот на жртвите, убиени или судени во инсценирани процеси. Ако и само еден единствен човек на таков, насилен начин е елиминиран од животните теченија, тоа е за секаква осуда. Тоа не смее да се заборави!
“Крвавиот Божик“ е целосно антибугарски/антимакедонски чин, изведен во согласност со новите македонистички теченија во тогавашната наша политичка врхушка. Причините се бизарни и од денешно време неразбирливи за новите поколенија. Имено, баш во времето кога се одржува Вториот конгрес на комунистичката младина на Македонија во Скопје, една поголема група војници и офицери на Југословенската Титова (сталинизирана) армија, во касарните во Скопје (на Калето) и во Штип, излегува со паролата “Не сакаме на Срем (или Берлин), сакаме на Солун“. Тоа е во директна спротивност со насоките на Конгресот на младината, каде армијата и народот се подготвуваат за решавачка борба со нацизмот, за ослободување на Загреб и другите делови од Југославија, кои во тоа време се сѐуште под германска окупација. Носителите на процесот се македонски патриоти, најмногу од редовите на ВМРО, која тогаш (па сѐ до сега) навредливо се нарекува “михајловистичка“, без разлика на фактот, што друга автохтона ВМРО нема, освен онаа на Михајлов. Носителите на бунтот се луѓе со михајловистички-вмровски идеи, без разлика дали се повикуваат на нив. Од изречените и објавени пресуди јасно се гледа тоа, затоа што неколкумината од српска националност, судени за истата работа, веднаш се ослободени. Веројатно е дека се работело за можни агенти-провокатори, уфрлени меѓу војската. Впрочем, за што им е на некои срби Солун, кога тие се во добри односи со Грција и имаат таму своја зона на пристаништето. Нивната идеја треба да се материјализира накај Војводина, Славонија, Љубљана и натаму, сѐ до Истра и Трст.
Крвавиот Божик е првиот организиран чин на спротиставување на новата власт против старите идеи на ВМРО за структурата на Македонија како република. Претходните егзекуции на бугарите низ Македонија, без оглед на нивната бројност, се само собитија извршени од органите на ОЗНА/УДБ-а, по претходно направени списоци. “Крвавото Коледе 1945“ го означува почетокот на насилниот македонизам, нетрпелив кон бугарската етничка суштина на македонскиот народ, нетрпелив кон бугарските историски и етнички традиции на македонската земја. Тој и таков македонизам, со насилието на Југославија/Македонија и подржан од недоветноста на бугарските раководители во тоа време, најмногу на Георги Димитров, по насилен пат се прелева и во Пиринска Македонија. Почнува “македонизацијата на Принскиот крај“ како болест од која Бугарија до деншен ден не може да се опорави.
Македонско-бугарското ткиво во рамките на географска Македонија работи по принципот на “врзани садови“. Не може нешто да се случи во Пиринско, а да не се одрази во Вардарско или Егејско. Тоа е закон. Формирањето на “македонска нација“ во Пиринскиот крај, го отвора процесот за “добрите и лошите македонци“. Добрите се оние од Пиринско, а лошите се оние овде кои не се откажувале од својот бугарски етнички идентитет. Затоа, “лошите“ треба да се искоренат! Македонизацијата во Пиринско, е проследена со огромни репреси врз бугарите во Македонија, сѐ со цел да се искорени секоја бугарска идентичност и идеја, да се има чист простор од Благоевград, до Охрид и Костурско. Репресиите, убиствата, инсценираните судења во Македонија, се само другата страна на монетата која се продава во Пиринско, кај “добрите“…и тогаш, а и сега, ниту таму, ниту овде кај нас, некој верувал во таа лудост. Ама, “сила Бога не моли“! Во тоа време власта во Македонија/Југославија се обиде да ги подели и албанците на “добри“ и “лоши“, ама албанците не се поддадоа на провокациите…сите се наши, велеа тие, и добрите и лошите, како што и сите ваши, како добрите така и лошите, си се ваши.
Денес одново се свири истата песна, само во некој друг тоналитет и со други изведувачи. Веќе е јасно дека постојат два македонски идентитети-македонистички и елиномакедонски, како резултат на Преспанскиот договор. Сега некој се труди да воведе и македонистички идентитет во бугарското ткиво во Пиринско, па дури и во цела Бугарија. Најчестиот збор на македонските политичари по однос на правата на бугарите во земјава е “реципроцитет“…демек, ние ќе дадеме права на 3500 бугари овде и ќе ги внесеме во Уставот, ама вие таму да дадете права на македонците во Пиринско и да ја уредите бројката да биде најмалку околу 200 илјади души.
Тоа не може да помине. Бугарија веќе не е окупирана држава од страна на советстата армија (додуша, има последици по психата на некои од луѓето сѐуште), па Македонија не може да поставува такви услови, Ако 120 илјади граѓани на Македонија дале нотарска изјава дека се чувствуваат бугари и за тоа донеле валидни документи од нивните предци, а ако овде истовремено се пројавиле како бугари на пописот само 3500 души, тоа говори, не само за карактерот на македонскиот човек, туку уште повеќе за демократијата во земјава.
Реципроцитет не смее да има! Регистирањето на некаква шепа луѓе од Пиринска Македонија како македонци, ќе биде само вовед во погроми врз бугарите во Македонија, погроми како оние по 1944 година. Во Македонија точно се знае кои се луѓето со бугарско државјанство, се знае дека тие не се само “онаа бројка“ појавена на пописот, па врз нив ќе има притисоци од секаков вид, па дури и закани по нивната безбедност, за да се откажат од државјанствата. Тие ќе бидат “лошите бугари“, а како пандан ќе им бидат посочувани оние “добрите“ македонци од Пиринско, за кои секој знае какви се!
Заради тоа, од страна на македонските бугари, Софија била повеќекратно предупредувана од штетноста на политиката на реципроцитет и стварањето на трет македонистички идентитет во Бугарија. Да бидеме јасни, македонските бугари под никакви услови не се подготвени на отстапки и признавање на македонистички идентитет во Пиринско. Најмалку на реципроцитет.
Ако Југославија умееше да произведе добри и лоши албанци, тоа право не им го даде на бугарите. Тие беа само “лоши“; фашисти, нацисти, убици на деца, силувачи на девојки и баби, главорези и нација со слични епитети. Така е до денешен ден.
Последниве години сме присутни на евидентен успех на бугарската надворешна политика. Посетите на државните раководители на Бугарија на Косово и Албанија и нивниот масовен прием од тамошните граѓани, како и одличните односи со Турција и Грција, говорат за високата ролја на бугарската политика на Балканот. “Францискиот предлог“, односно позицијата на ЕС по однос на македонското присединување, е јасен одговор на сите кои говорат за реципроцитет и некаква мултиперспективност. Позициите на Бугарија се целосно уважени, а македонската јавност се заблудува со отпорот кон некаков “бугарски диктат“!
Крвавото Коледе на Кале и Штип 1945 година се настани кои не смеат да бидат заборавени. Не смеат да бидат заборавени ни жртвите пред тоа, ниту жртвите по Коледе 1945 година, расеани низ Титовите затвори, Идризово, Добој, Централен скопски затвор и низ други македонски места. Настаите на Калето и Штип 1945 година треба да се поттик за барање на сите жртви, непознати и закопани на незнајни и заборавени места.
Бугарската држава треба да продолжи со подршката на бугарите низ светот, па каде и да сѐ, најмногу во Македонија и во Западните покраини. Таму се најголемите репресии и реакцијата на Софија треба да биде соодветна.
Крвавиот Божик 1945 година, треба да е потик за освојување на нови права и позиции на бугарите во македонското општество и политика.
Отворањето на Уставот и внесувањето на бугарите таму, треба да биде само почеток на една долга и добро обмислена политика.
Честито Коледе 2024 година! Христос се роди!