Маж на возраст од 32 години убил три лица и ранил уште 4 во пукање кое започнало во јужниот дел од Чикаго, а завршило со неговата смрт во престрелката со полицијата на паркинг северно од градот.

Истражителите се обидуваат да го утврдат мотивот за нападите, кои започнале во саботата со убиство на 30-годишен студент на Универзитетот во Чикаго, кого Џејсон Најтингејл го застрелал во глава додека седел во својот автомобил во квартот Хајд парк, им изјави на новинарите Дејвид Браун од полицијата во Чикаго, пренесува АП.

Најтингејл потоа влетал во станбена зграда, каде застрелал 46-годишен припадник на обезведување кој седел на маса и 77-годишна жена која земала пошта, рече Браун.

Припадникот на обезбедувањето е прогласен мртов во болница, а старата жена, која е застрелана во глава е хоспитализирана во критична состојба, извести Чикаго трибјун.

Најтингејл крвавиот пир го продолжил во друга зграда каде грабнал во автомобил маж кого го познавал, а потоа отишол до продавницата каде пукал и усмртил 20-годишно момче и ранил 81-годишна жена во главата и во вратот, рече Браун.

И оваа жена е во критична состојба.

По излегувањето од продавница, Најтингејл испукал куршум и во 15-годишно девојче кое било со мајката во автомобил.

Девојчето е во критична состојба, соопшти полицијата.

Потоа се вратил во продавницата во која полицајците од Чикаго го истражувале пукањето и пукал во нив.

Но, никој од полицајците не е повреден, рече Браун.

Најтингејл потоа возел на север кон Иванстон, кој се граничи со Чикаго, каде влегол во продавница обидувајќи се да ја ограби и тука пукал, но не убил никого.

Потоа ја преминал улицата и отишол во ресторан каде на жена и пукал во глава и таа е во критична состојба.

Најтингејл излегол од ресторанот, полицијата го опколила на паркингот и дошло до престрелка во која тој е убиен.