Кризниот штаб на Србија одлучи трговските центри да бидат отворени во понеделник, на 12 април, и дека ќе бидат отворени до 22 часот. Угостителските објекти во рамките на трговскиот центар сè уште нема да бидат отворени, пренесува „Блиц“.
Кога станува збор за учениците, одлуката е условена со уште една проверка на епидемиолошката состојба, така што, ако паднат бројките, децата ќе се вратат во училиштата според моделот од 1 септември. Ова практично значи настава во училници, но и комбинирана настава, како што правеа средношколци.
На денешната седница се дискутираше и за отворање на внатрешните делови на угостителските објекти. Според планот, тие треба да бидат отворени на 19 април, сепак, таа одлука не беше донесена денес. Целосното отворање на кафулињата и рестораните ќе биде преиспитано следната недела.
Вчера премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека скоро секој ден разговарала со медицинскиот дел од Кризниот штаб и дека лекарите сметале дека сè уште не е време да се релаксираат мерките.
“Секако, некој мора да зборува со Кризниот штаб. Јас разговарам со медицинскиот дел од персоналот секој ден. Тие сметаат дека сè уште не е време и дека добро ни оди, па затоа не треба да го загрозуваме тоа. Ќе видиме утре што ќе се случи следно “, рече таа вчера.
Да потсетиме, според последните информации, во последните 24 часа, во Србија биле регистрирани 3.625 новозаразени од 16.055 тестирани, а за жал, починало уште 41 лице. Во моментов има 265 пациенти на респиратори, додека 7.929 се на болничко лекување.
Од почетокот на епидемијата, регистрирани се вкупно 633.013 лица заразени со корона вирус, а овој вирус однесе 5.620 животи. Тестирани се вкупно 3.547.832 примероци.