Талентираните млади музичари од основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, ученици во деветто одделение, Теодор Смиљков и Леон Јанковски, од класата на професорката Лариса Жулина-Митовски, денеска освоија прва награда на 11. Меѓународен натпревар за камерна музика во Кавадарци.

Младите пијанисти од Крива Паланка беа најуспешни во силна конкуренција од повеќе од 200 учесници од Република Северна Македонија, Република Хрватска и Република Бугарија.

– Учесниците на натпреварот го покажаа својот талент, знаења и умешност во повеќе дисципини: пијано-четирирачно, состави со и без пијано, како и традицициони состави. Многу сум горда на високите резултати постигнати на моите ученици. Уште еднаш се докажа дека љубовта кон музиката, напорната работа и талентот неминовно водат кон успех. Им упатувам искрени честитки за освоената прва награда и им посакувам многу успеси во иднина, изјави проф. Лариса Жулина-Митовски, наставник-ментор во ООУ „Јоаким Крчовски“.

Покровители на фестивалот се градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев и Советот на општината Кавадарци, а е поддржан од Министерството за култура, во согласност со Министерството за образование и наука.

Инаку, во текот на вчерашниот ден во Крива Паланка се одржа третото издание на „Ден на пијаното“ со два концерти на пијанистите од ООУ „Јоаким Крчовски“.

– Концертот во детската градинка го следеа около 120 дечиња. На концертите младите таленти ја импресираа публиката со изведба на камерна музика за четирирачно и осумрачно пијано. Камерната музика е прекрасна и има потреба од повеќе внимание од публиката. Изведбата на четирирачно и осумрачно пијано е особено впечатлива, бидејќи овозможува интересна взаемна духовна активност меѓу изведувачите. Концертите беа поддржани од Europe House, Крива Паланка, информира Жулина-Митовски.

Ден на пијаното е светски настан посветен на овој инструмент.
Бидејќи клавирот, по правило, има 88 клавиши, настанот се случува токму на 88-от ден од годината. Овој ден е настан за промоција на млади пијанисти, нови инструменти и боја на поновите и современи и класични композитори.
Настанот е инициран од германскиот пијанист и композитор Нилс Фрам.