За 14 лица, но и за организаторот на протестот за случајот „Монструм“, ќе бидат поднесени кривични пријави. Тие се теретат за напад на полицајци и службени лица, како и за уништување на приватен и државен имот. Воедно кривични ќе бидат поднесени и за непочитувањето на протоколите за заштита од ширењето на Ковид 19.
-Точно е дека е поднесена пријава и против организаторот на протестот поради тоа што пред се не се придржувале кон мерките за заштита на здравјето и притоа не биле испочитувани протоколите, меѓутоа ќе има и кривични пријави за сите оние кои што извршиле оштетување на имотот на државата, оштетување на возилата на Министерството за внатрешни работи. Секој од тие лица ќе биде санкциониран. Ние работевме во Единицата за насилен криминал и веќе се идентификувани и во вчерашниот ден се повикани 14 лица кои што директно учествувале во ваквите насилства кон објектите или кон имотот на државата, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.