МВР во соработка со ОЈО Кочани ја завршила првата фаза од постапувањето во кривично-правниот настан, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по трагедијата во Кочани.

Поднесени се, нагласи тој, две кривични пријави против вкупно 34 лица и три правни лица.

„Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички лица и три правни лица за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ, при што едно лице е пријавено и за примање поткуп по член 357 од КЗ“, рече Тошковски.

Оваа трагедија, повика на целосна мобилизација на сите институции, оцени Тошковски.

„МВР веднаш ги активираше сите капацитети. Од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулација на сообраќај, се до логистичка поддршка за нивниот транспорт и лекување, како во земјава така и во странство. Над 250 лица беа брзо и безбедно транспортирани до болниците низ државата, а над 100 лица до граничните премини. Веднаш беа изработени итни патни документи, како за повредените, така и за нивните најблиски кои патуваа со нив. Во исто време, полициските структури останаа посветени на истражните дејствија и расветлување на случајот, дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност“, нагласи министерот.

Во врска со тоа дали истрагата може да се шири на повеќе лица Тошковски одговори дека апсолутно ќе се шири бројката доколку има докази за други инволвирани лица.

„Македонија мора да победи во битката со системската корупција, која одзема 59 млади животи.
Знам дека досегашните искуства на нашиот народ за вакви предмети беа болни и разочарувачки и оттука ја оправдувам загрииженоста и сомнежот дека и сега е можно тоа да биде така. НО нагласувам дека таа загриженост сега е непотребна и докажуваме преку нашите постапки дека има разлика. Работиме со обемен материјал, под огромен притисок, но не смееме да брзаме, затоа што половична правда е всушност неправда“.

Тој не се согласува со информацијата дека актуелни вработени во МВР на одредени позиции или во другите институции не се дел од истрагата или дека нема осомничени.

„Нема овде наши или ваши. Има луѓе кои што се одговорни и луѓе кои што не се одговорни, но, мораме да почитуваме процес на правда и мораме темелно да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно“.