Полицијата поднесе кривична пријава до велешкото Обвинителство против Н.Т., вработен како самостоен референт – контролор во Отсекот за оружје, експлозиви и опасни материи при СВР Велес.

Според пријавата, Н.Т. се сомничи дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“ во постапка за одземање оружје и дозвола за поседување оружје од лице за кое претходно се водела управна постапка.

Иако законскиот рок бил истечен, тој ја повторил постапката спротивно на Законот за општата управна постапка и донел решение со кое ја запрел, иако за истиот предмет Државната комисија во втор степен веќе имала донесено решение со правна поука дека лицето треба да покрене управен спор пред Управниот суд.

Со таквите дејствија, како што се наведува во пријавата, Н.Т. му овозможил на лицето да му бидат вратени одземеното оружје и дозволата за поседување оружје.

Одделот најави дека покрај кривичната пријава ќе поднесе и предлог за поведување дисциплинска постапка против Н.Т., како и задолжителна мерка — негово отстранување од работното место.

Текстот Кривична за службеник од полицијата во Велес: незаконски ја повторил постапката и вратил оружје е превземен од МАКФАКС.