Финансиската полиција до скопското Обвинителство поднесе кривична пријава против осум лица, меѓу кои поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и еден надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

Пријавата се однесува на поранешниот градоначалник на оваа општина, Блерим Беџети, понатаму С.Ш. и Ќ.К. како поранешни секретари во Општина Сарај, А.С. и Ќ.А. како раководители на сектор за урбанизам, А.Ш. како помлад соработник во општината, И.Б.Ш. како раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје, како и Љ.Т. во својство на надзорен инженер.

Според Управата, постојат основи на сомнение дека пријавените лица, иако знаеле дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на службените овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште. Надзорниот инженер, пак, извршил технички преглед и изготвил завршен извештај исто така со невистинита содржина.

На овој начин, како што се наведува, пријавените и овозможиле на фирмата „Азра Идриз“ да се стекне со противправна имотна корист од 108.638.840 денари.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје за медиумите потврдија дека пријавата е примена во Основното јавно обвинителство Скопје и веќе се преземаат дејствија на проверки.

Текстот Кривична за ексградоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и други вработени во општината и Град Скопје поради злоупотреби со градежно земјиште е превземен од МАКФАКС.