Денес Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против раководни и овластени лица од МО поради основано сомнение за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик и кривично дело Несовесно работење во службата по член 353-в, информираат од таму.

„Кривичната пријава ја поднесуваме врз основа на негативниот Конечен извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година за Министерството за одбрана каде што е констатирано непочитување на законските одредби и Колективниот договор на МО.
Јавноста знае дека до 2023 година буџетот на МО е оштетен од тужби од вработени лица со 20 милиони евра, средства кои се исплатени од буџетот на МО за судски трошоци и исплати на припадници на Армијата.
Државниот завод за ревизија во извештајот утврди повторно непочитување на Колективниот договор на МО и Законот за служба и евидентирани се 1221 нови тужби за 2024 година. Оваа претставува повторно штета на буџетот со милионски суми“.

Како што појаснуваат од синдикатот, бројката на тужби од 2024 година, е веќе надмината во 2025 година , повторно поради непочитување на КД и законите, само за дискриминација и трансформирање на работниот однос за неполни три месеци има поднесено 280 тужби против МО, истакнуваат од таму.

Извештајот утврдил дека состојбата е непроменета во некои сектори цели 10 години, не се испочитувани забелешките и препораките на претходните ревизии и ништо не е подобрено.

„Очигледен е односот на МО и раководните лица, нивната негрижа за буџетските средства кои граѓаните на РМ ги обезбедуваат како даночни обврзници.

Бараме од ОЈО Скопје да отвори предмет за утврдување на одговорност на раководните и овластени лица од МО врз основа на доставениот Конечен извештај од Државниот завод за ревизија за МО за 2024 година“.

Текстот Кривична пријава против раководни лица од Министерството за одбрана поднесе Независниот синдикат на професионални војници е превземен од МАКФАКС.