Иако за годинава што минува вели дека не ѝ дозволила да си создаде спомени за паметење, сепак за телевизиската водителка Кристина Талеска-Големтеова ќе остане запаметена по еден, но вреден спомен – поаѓањето во прво одделение на синот Калин, во услови на пандемија. Таа и сопругот Горан вложиле многу труд и енергија тој полесно да се приспособи на сите промени и среќни се што сите здрави ја дочекуваат новата 2021 година, од која очекува да го надополни она што недостасуваше во годинава што ја испраќаме.
– Да не се случеше пандемијата со ковид-19, веројатно ќе имав многу повеќе моменти за кои ќе сакав со радост да зборувам, но годинава ваква каква што ја живееме, не ни остави многу простор за создавање мигови за паметење, иако целава ситуација сепак ме научи нешто. Да се радувам на малите работи, да го ценам тоа што го имам и да работам на себе. Во 2020 година како никогаш досега работев на себе и на унапредувањето на физичкото, но и на менталното здравје, на што претходно малку посветував внимание, бидејќи постојано имав „нешто поважно“ што чекаше на мене. Неизвесноста што ја донесе секојдневието ми помогна да создадам личност што на долг рок многу похрабро ќе се справува со животните предизвици и на цврсти нозе ќе се бори за себе и за луѓето што ги сакам. А, кога сме кај луѓето што ги сакам, поаѓањето на син ми во прво одделение во услови на пандемија, ни беше најголемата радост и воедно предизвик со кој се соочивме. Со сопругот вложивме многу труд и енергија Калин полесно да се приспособи на сите промени што ги наметна новото секојдневие, па најголемиот труд (ако може така да се нарече) ни е тоа што здрави и на куп излегуваме од годинава – вели Кристина.
Што очекуваш од новата година?
Да се вратиме на старото секојдневие, иако малку е веројатно, но велат кога нешто силно посакуваш, ќе се исполни. Очекувам повеќе радост, насмевки, прегратки, дружби, патувања, поводи за убави спомени. Можеби е многу, но исто толку изгубивме, па потребно ни е што побрзо да почнеме да го надоместуваме.