Руските сили почнаа денеска да напредуваат во Украина, откако претседателот Владимир Путин воведе прекин во офанзивата еден ден претходно, очекувајќи разговори со Киев кои не се одржаа, објави Кремљ.
Кремљ ја обвини Украина дека е одговорна што не дошло до преговари, бидејќи ги одбила.

„Вчера (петок), очекувајќи преговори, рускиот претседател нареди да се запре напредокот на повеќето (руски) сили“, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Бидејќи украинската страна ги одби преговорите, напредувањето на руските сили продолжи денеска“, додаде тој.

Песков исто така рече дека Русија очекува санкции од Западот како одговор на инвазијата и дека се преземаат мерки за да се минимизира нивното влијание врз економијата.

„Потоа ќе се договорат возвратни мерки“, рече Песков.

Русија во петокот објави дека предложила преговорите да се одржат во Минск, главниот град на Белорусија, земја сојузник на Москва.

Вашингтон оцени дека руската понуда не може да се смета за веродостојна.