Владимир Перев

Ова е време на тешки зборови, лажни вредности и лажливи луѓе. Не е само нашиот народ необразован, такви се денес сите народи, додека пак политичките и другите врхушки во секоја држава поседуваат завиден квантитет и квалитет на знаења. Така е скоро насекаде во значајните светски држави. Ние не спаѓаме таму, ние сме држава на социјалните мрежи и затоа се такви и нашите знаења…впрочем, како и на сите во Западниот Балкан, па и Балканот воопшто.

Да се говори денес за некаков нацизам, фашизам или комунизам е само заблудување на младите генерации, на оние кои нештата ги учат од интернет и некакви филмови. Нема вистински нацисти и комунисти-сталинисти. Нема веќе време во кое Хитлер и Гебелс изведоа самоубиство како одговорност за изгубената војна, слично како и генералите-самураи на јапонската армија кои извршија колективо сепуку во царската градина во Токио по потпишувањето на капитулацијата на Јапонија. Нема комунисти од типот на болниот Ленин, ниту пак сталинисти од типот на шизофрениот параноиден ностител на тоа звание. Сталин-(не)човекот кој ја стави својата жена во манастир, а својот син го остави на немилост на нацистите во заробенички логор. За Дуче и да не говориме, тој не успеа ниту да се спаси себе си, ниту љубовницата, ниту пак да ја воздигне својата држава на која и ветуваше дека ќе биде империја од типот на римската…карикатурална креација на национализам и фалшив патриотизам.

Денешните сталинисти не ги ставаат жените во манастир, нема нивни деца во странски логори и затвори. Путин е фрустриран егоцентрик кој никого нема да може да нападне после Украина, тој е човек кој ја пуштил жена му да живее со друг маж на бреговите на Медитеранот, а децата му се шетале низ Европа, барајќи го тоа што ниту тој-самодржецот можел да им го даде, ниту татковината Русија можела да им го пружи.

Две личности деновиве предизвикаа внимание на македонската/бугарската заедница во Македонија. Еден е познатиот нам на македонците, американецот Едвард Џозеф, познат по бескрајните мешетарења кај нас, “простите“ балканци, а вториот е лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Прашањето е дали знаат што говорат или нас не прават луди.

Џозеф во својот текст Како историјата на САД може да ја спаси Македонија и да го победи путинизмот на Балканот говори за нешта како “бугарска идентитетска агресија“ и ставање на американските архиви на услуга против таа наводна агресија. Истовремено, терминот “историска вистина“, визирајќи ги односите МКД-БГ, злонамерно го поставува во корелација на војната во Украина.

Текстот го завршува со победничкиот восклик дека “поразот на Путин во Украина можеби е тешка задача; поразувањето на путинизмот на Балканот е целосно изводливо“. Од друга страна пак, Мицкоски со далеку поедноставен тон ја резимира руската политика на Балканот како “исполнувањето на бугарските интереси на Балканот, стануваме заложник на руската политика кај нас“.

Во Македонија немало и никогаш нема да има спроведување на руска политика во ниту еден сегмент од опстојувањето на државата и нацијата. Првите призраци на некаква “руска љубов“ во Македонија се јавуваат по окончувањето на несреќната војна во 2001-та година, како илузија за одмазда кон албанскиот сегмент во нашето општество. Бугарија овде не оставила никакво русофилство, македонските бугари отсекогаш биле ванчомихајловисти и нивниот најголем противник била Русија, специјално службите на СССР…па и сегашните путински постројки овде и таму, во Софија. Определено руско влијание има со српското освојување на Македонија, но нивното влијание овде е мало, претежно кај обичните граѓани во државата. Тоа е нешто како далечно ехо на борбите за социјализам и праведно општество од 1944-45 година. Со илузиите и незнењето никој не може да се пребори…и не треба, луѓето треба да се остават да живеат со своите мечти. Бугарија никогаш не била руски/советски сателит. Таа била држава окупирана, како од Русија така и од СССР и русофилството таму е само форма на традиција, најмалку форма на припадност. Далеку полоша е состојбата со ситуацијата по Втората светска војна, кога наместо русофилство, во Бугарија се појавува “советофилство“, дегенерирана верзија на најбрутален сталинизам. Затоа таа држава и народ минаа во последните триесетина години толку тешки и горки мигови од својата држава и за својата држава.

Никој не треба да се надева на некава помош од Путин. Тој не може да помогне никому, најмалку себе сѝ. Руските насилни традиции, со кои Путин е целосно опседнат, не се традиции на помош, туку традиции на поробување. Не само воено, како во Украина и на други места, туку и духовно. Рускиот Патријарх, агентот на КГБ Гундјаев и неговите емисари во Бугарија и Македонија, играат на картата на “славјанство и сеправославие“; тоа е верски фундаменталистичка теорија, а национално опасен реликт на фашизам и нацизам. Ете затоа, еден Гундјаев, ја игра ролја на координатор на серуските духовни дејствија остварени низ Руската црква, а помогнати со глупоста на македонците и бугарите…русите се мешетарите на нашите предавства.

Мицкоски не треба да бара руско влијание надвор од својот круг. Русија е најголемиот непријател на Бугарија и најголемиот пријател на Србија, па и Грција. На Русија и одговара мала и немоќна Бугарија, за никој да не може таму да се инсталира и да го попречи рускиот сон за освојување на Константинопол и Босфорот. Само така, во Цариград, Русија ќе биде земјата на “еден цар и една вера“.

Русија и Србија се творците на македонската нација. Санктпетербургското научно-литературно другарство „Свети Климент“ на Крсте Мисирков и Димитрие Чуповски се најблиските луѓе на руската политика за поделба на бугарскиот ентитет на Балканот, специјално Македонија. Тука не смее да се заборави ни ролјата на бугарските комунисти и “интернационалисти“, злосторници во разделбата и поделбата на една нација. Бледскиот договор Тито-Димитров е само експликација на стогодишните желби на Москва и Белград, без разлика кој ќе биде на власт, српската/југословенската власт да биде до Варна и Одрин. Тито можеше и сакаше да владее со Бугарија и Егејска Македонија, ама не му било пишано…Сталин беше вистинскиот самодржец и тој решаваше за нашите судбини до 1948 година, па малку и потоа. Тоа некој треба да му го каже на Мицкоски!

Едвард Џозеф нема право за ништо, ниту за “бугарската идентитетска агресија“, ниту за помошта која ќе ја добиеме од Америка. Се надевам дека не иронизира…ние овде добро знаеме каква помош сме добиле од американската политика по 1990 година. Без разлика каков ќе биде крајот, Русија ќе ја изгуби војната, руските идеали ќе се променат и таа, на некаков начин, ќе стане вазал на западниот свет. Неединството на западот е само фикција. Интересите на Западниот свет се непроменети од годините по Француската буржоаска револуција од 1789 година, па сѐ до денес. Од Наполеоновиот поход на Русија, без разлика на неговиот несреќен крај, романтичните идеали на западот остануваат до денешен ден-завладување на руските ресурси. Поезијата на Фридрих Шилер ја оглавува епохата на Sturm und drang и потоа Drang Нach Osten, за да се формулира политичкото и национално битие на и тогаш единствената Европа, во однос на Русија.

Едвард Џозеф, како и повеќето американци не сакаат да го разберат нашиот свет. Сигурно е дека Путин, по подолга или пократка војна, ќе биде победен. Нема да биде поразен путинизмот, тој отров во нашето ткиво…не се поразени ниту сталинизмот, ниту титовизмот, па ако сакате ниту хитлеризмот… не е поразена ниедна насилна идеја. Убиени или умрени се само носителите на таа идеја.

Заради тие отрови во телото на европската цивилизација, го имавме досегашниот однос на Европа кон Путин и досегашната политика на “широко затворени очи“. Сега, кога руската солдатеска се наближува кон Берлин и Париз, сите говорат за помош на Украина…ако не дадат помош сега, подоцна сами ќе бараат од Едвард Џозеф!

Македонија е неважната алка во тој синџир на европски и светски неволји. Ниту овде ниту во Европа има вистински херои. На Европа и останува стравот од Путин, а нам овде омразата кон бугарите и албанците, гарнирана со помирливиот, полтронски однос кон грците. Затоа, ниту Путин ќе ја порази и пороби Украина, ниту Бугарија некој ќе ја принуди да ги промени своите позиции…хероите и вредностите сега се поинакви од времето пред стотина години!