Книгоиздавателството „Панили“ ја објави поетската книга „Кратка меморија“ пд поетесата Милица Димитријовска-Радевска.

Како што истакнува Весна Мундишевска-Велјановска, оваа книга е мемориски регистар на складирани податоци, настани, случки, размислувања, укажувања… сместени во ќелиите на меморијата на една временска рамка која, и покрај активното темпо на збиднувањата, сѐ повеќе ја губи суштинската комплексност, и бледнее присвојувајќи еднозначни карактеристики.

Во едноличноста на бинарното постоење, оваа меморија тежнее да ги заштити вредностите од нивната маргинализација, да го реституира и она малку човечко што останало во нежната душа на човекот, всушност – да го сочува сопствениот капацитет, дури и да се надгради себеси елиминирајќи ја опасноста од предзнакот „кратка“, нагласено е во рецензијата.

„Во силно апострофираната конкретност на живеењето опеана во стиховите од „Кратка(та) меморија“ зјаат бројни празнини на помнењето. Боли отсуството на топлина, неодлучноста, недовербата, суетата, вришти заборавеноста, живи рани отвора обезвреднувањето – „животот вреди 10 грама чоколадо“ („Вредност“)… Во време на дигитализација и актуелната електронска комуникација, се чини како човекот да се подзагубил, како попатно да си го загинал идентитетот, како да молкнал сред преплетените фрекфенции на празните муабети, како да го закочил срцето во пребрзото темпо на стрелките од часовникот виснат на ѕидовите од галеријата на новото време. Како да му се подизгребало огледалото на средбите, па сега двонасочноста на изустената срдечност се извиличила во бесрамна себичност на збунето човече кое станува „вретено без предено, чепорошка на исколвана суета“, нагласува Мундишевска-Велјановска во рецензијата за новата книга на Димитријовска-Радевска.

Инаку, во песните од „Кратка меморија“ има и зајадливи нискости, вулгарности, пцости и гадости, подводаџии, есапџии, фалбаџии, расколници, луѓе со камења во срцата но и луѓе засегнати од сиот тој метеж кои во својата збунетост се повлекуваат во својата корупка барајќи го островот на својот спокој.

– Се чини дека стиховите на „Кратка меморија“, поотворено и погласно од претходните книги на поетесата, укажуваат на опасноста од жонглирањето на човекот по работ на амбисот и предупредуваат дека лесно може да нѐ проголта заборавот. Наместо разновидни прашања за егзистенцијалноста, овие стихови носат констатации со бројни извичници кои ја соголуваат лажната слика на среќно живеење сред пустината на духот, подвлечено е во првиот критички одглас за книгата.

Милица Димитријовска-Радевска е авторка на неколку поетски книги. Членува во Друштвото на писателите на Македонија и во Македонското научно друштво од Битола. Својот научен и истраќувачки труд го има реализирано и како коавторка на наставното помагало ,,Јазикот и графиката“. Има учествувено на голем број книжевни манифестации. Нејзината поезија е преведена на српски, англиски, романски јазик. Авторка е и на критички огледи, записи и рецензии за дела на повеќе современи македонски автори.

Поетската книга „Кратка меморија“ е достапна во книжарниците на „Матица македонска“.