Затворањето на економијата и забраната за собирање и движење предизвика масовни изливи на незадоволство во повеќето од земјите каде што беа спроведени строгите мерки. Главниот аргумент на противниците на карантинските мерки во јавната дебата беше токму „шведскиот модел“, за кој долго време се говореше дека е многу подобро решение во справувањето со заразата.

Во првиот бран на пандемијата од коронавирусот, Европа, но и поголемиот дел од светот беа ставени под строги карантински мерки, а единствената земја која борбата со ковид-19 ја планираше со издавање на благи и необврзувачки препораки за здравствена заштита беше Шведска.

Набргу шведскиот начин на справувањето со заразата во остатокот на светот остана познат како „шведски модел“. Во кратки црти, „шведскиот модел“ се засноваше на довербата што здравствените власти ја имаат во граѓаните на Шведска, но и традиционалните и менталните особености на Швеѓаните, кои по правило ретко комуницираат и немаат широк број пријатели. Па затоа и се претпоставуваше дека одржувањето на социјална дистанца нема да биде проблем во оваа земја.

Затворањето на економијата и забраната за собирање и движење предизвикаа масовни изливи на незадоволство во повеќето од земјите каде што беа спроведени строгите мерки. Главниот аргумент што противниците на карантинските мерки го користеа во јавната дебата беше токму „шведскиот модел“, за кој долго време се говореше дека е многу подобро решение во справувањето со заразата.
Сепак, вториот бран, кој сѐ уште е актуелен во Европа, ги покажа сите слабости на „шведскиот модел“, ставајќи го во сериозна опасност здравствениот систем на Шведска, кој без помошта на соседните земји, се соочуваше со тотален колапс.

За влакно избегнат колапс на здравствениот систем

Од прогласувањето на пандемијата, во земјата од околу 10 милиони жители пријавени се повеќе од 350.000 заразени лица, од кои 7.800 починаа. Овие бројки драстично се разликуваат од останатите скандинавски земји, со кои Шведска пропорционално се споредува.

Иако здравствените власти се уште не сакаат да воведат построги мерки, политичарите полека го губат трпението, а дека нештата наскоро ќе бидат поинакви во Шведска, навести и номинално најмоќниот човек во земјата.

– Шведска не успеа во одговорот на пандемијата на коронавирусот, Мислам дека не успеавме. Имаме голем број починати и тоа е страшно – изјави кралот Карл Шеснаесетти Густав.

Во Шведска, каде што живеат околу десет милиони луѓе, досега починале над 7.800 како последица на ковид-19, што е значително повеќе од соседните нордиски земји.

– Оваа пандемија е страшна кога ќе го земеме предвид бројот на смртни случаи, колку има тага и фрустрации во многу семејства, но и кај сопствениците на фирми што се на колена – нагласи кралот.

На прашањето дали тој се плаши од заразување со коронавирусот, 74-годишниот монарх изјави дека тоа во последно време е сѐ поизвесно.

Според шведскиот Устав, кралот нема формална политичка моќ и при изразување на своите ставови многупати бил критикуван за пречекорување на овластувањата.

На почетокот на пандемијата, кралот Карл Густав и кралицата Силвија се самоизолираа во палатата Стенхамер, околу 120 километри југозападно од Стокхолм. Неодамна нивниот син, принцот Карл Филип, заедно со неговата сопруга, отидоа во карантин откако било потврдено дека се позитивни на ковид-19.

– Народот на Шведска претрпе огромни загуби и сѐ уште живее во многу лоши услови. Кога ќе помислите дека на членовите на семејството не им беше дозволено да се простат од своите најблиски, кои умираа осамени по болниците. Мислам дека се работи за мошне голема траума, кога не сте во можност да посетите заболен член на семејството – додаде Карл Густав.

Следуваат построги мерки

Премиерот Стефан Лофен се согласи со констатацијата на монархот, признавајќи ја кобната грешка во справувањето со заразата од ковид-19 и одбивањето да се спроведат посериозни мерки на здравствена заштита.

– Фактот дека земјата има огромен број починати, сам по себе го наметнува одговорот, дека стратегијата потполно потфрли. Во моментов можеме да подвлечеме многубројни заклучоци за нашата стратегија – порача премиерот.

Во текот на минатата недела беше донесена првата директива во обидот да се спречи заразата меѓу населението. Владата нареди средните училишта во цела Шведска да бидат распоредени во смени, со цел да се избегне преголемото групирање на тинејџерите. Со ова е напуштена досегашната практика, која беше дел од стратегијата изготвена од водечкиот шведски епидемиолог Андрес Тегнел, кој инсистираше на тоа дека здравствената заштита мора да биде обезбедена во комбинација од препораки и самосвеста на граѓаните. На почетокот од оваа година речиси сите светски медиуми ја пренесоа изјавата на Тегнел, во која тој тврдеше дека тоа е најдобриот модел за неговата земја.

Сепак, времето покажа дека без разлика дали земјата е богата, сиромашна, развиена или е во развој, вирусот ги напаѓа сите еднакво.