Првпат од средината на 1980-тите, британската кралица Елизабета Втора (94) и нејзиниот сопруг, принцот Филип (95), не го поминуваат Божиќ во куќата во Сандрингем, туку во замокот Виндзор. Тие од почетокот на пандемијата на коронавирусот престојуваат во Виндзор, со помал број на персонал.

Кралицата се осврнала на предизвиците за време на пандемијата во нејзиниот божиќен говор, бидејќи таа и војводата од Единбург го поминале Божиќ одделно од семејството. Кралското семејство обично го поминува Божиќ заедно, но оваа година се разделени поради епидемиолошки мерки и ограничувањата.

Портрет само од принцот Филип

Британската кралица изминатите години секогаш држеше голем број портрети на членовите на нејзиното семејство на својата работна маса, кои гордо ги покажуваше во текот на своето традиционално обраќање до јавноста за Божиќ. Но, оваа година таа направи нешто што никој не го очекуваше.

Кралицата ја занемари традицијата и на масата стави само портрет на нејзиниот сопруг, принцот Филип. Неговата фотографија стои покрај елегантен букет црвени и бели рози, а зад кралицата се забележува голема елка украсена со црвени, златни и зелени лампиони и златни сијалички.

Лани ги налути Британците

Нејзиното минатогодишно обраќање предизвика многу прашина поради бројот на фотографии што ги имаше на масата, бидејќи, меѓу нив не беа принцот Хари, Меган Маркл и нејзиниот правнук Арчи.

Меѓутоа, таа не заборави да ги изложи фотографиите од Кејт Мидлтон, принцот Вилијам и нивните деца, како и од нејзиниот син Чарлс и неговата сопруга Камила, на чија венчавка не сакаше да присуствува.

Profimedia

Сепак, ова не е првпат британската кралица да го „намали“ количеството портрети на масата. Така, во 2016 година таа го имаше само портретот од себе и принцот Филип на масата, додека во 2010 година немаше ниту една фотографија.

Во својот говор оваа година, таа целосно се осврна на пандемијата на коронавирусот и на оние кои се борат на првиот фронт со цел таа да заврши што побрзо.

Овој Божиќ ќе биде за многумина ден на тага и осаменост. Некои тагуваат поради загубата на своите најмили, а други поради тоа што се оддалечени од членовите на семејството и пријателите, кога сè што навистина сакаат за Божиќ е обична прегратка или ракување. Ако сте меѓу нив, не сте сами и треба да знаете дека мислам и се молам за вас. Нека светлината на Божиќ – духот на несебичноста, љубовта и, пред сè, надежта – нè води во времињата што доаѓаат – порача Елизабета Втора.