Масимилијано Алегри ќе стане новиот тренер на Јувентус.
53-годишниот стручњак се враќа на клупата на Старата дама по две години, каде ќе го замени Андреа Пирло, кој ќе добие отказ по само една сезона како тренер.
Алегри договори четиригодишен договор со Јувентус вреден 36 милиони евра и се очекува овој стручњак да има многу поголема улога во создавањето на тимот.
Од раководството на Старата дама ќе добие слобода да избере играчи кои сака да ги донесе и ќе ја има улогата што ја имаат англиските менаџери.
Алегри ќе донесе голем број промени во тимот на Јувентус, а „Скај Италија“ наведува дека нема да има место во тимот за Кристијано Роналдо.
Алегри не ја гледа португалската суперѕвезда во својот тим за следната сезона и планира да го изгради тимот околу аргентинскиот фудбалер Дибала.
Одличниот стручњак остана на клупата на Јувентус од 2014 до 2019 година. Во тој период освои вкупно 11 трофеи, а исто така одигра и две финалиња во Лигата на шампионите.
Тој го водеше тимот на вкупно 271 натпревар. Оствари 191 победа, 43 ремија и 37 порази.
Тој соработуваше со Кристијано Роналдо во сезоната 2018/2019 кога ја освои шампионската титула, но се чини дека Португалецот повеќе нема да го носи дресот на Старата дама од Торино.
Тој во претходните три сезони има одиграно 133 натпревари за „бјанконерите“ и има постигнато 101 гол.