Лицата кои се имаат опоравено од коронавирусот имаат 60% поголем ризик од смрт и шест месеци откако оздравиле, во однос на луѓето кои што не се заразиле, покажува најновото истражување објавено во научниот магазин “Nature”.
Директорот на Клиничко-епидемиолошкиот центар при универзитетот во Вашингтон, Зијад Ел Али, кој бил и шеф на самото истражување, изјави дека научниците до тие податоци дошле при пребројувањето на смртните случаи од коронавирус, кога било заклучено дека вкупниот број е многу поголем.
Како што објасни Али, тоа е затоа што најголемиот дел од смртните случаи предизвикани од компликации поради коронавирусот, не се водат како такви.
„Тоа што сега го гледаме е само врвот од сантата мраз“, изјави Али.
При истражувањето, како што објаснува Али, истражувачите користеле податоци од електронските бази на податоци на американските министерства.
Истражувањето опфатило повеќе од 87 илјади пациенти и покажало дека пациентите кои не биле хоспитализирани, а имале потежок облик на коронавирус, можеле да развијат компликации неколку месеци подоцна и тоа респираторни проблеми, болести на нервниот систем, ментални болести, како и кардиоваскуларни и гастроентеролошки проблеми.
„Неверојатно е што овој вирус може да предизвика голем број на долготрајни последици“, изјави Али и порача дека најдобар начин за тоа да се спречи е превенцијата, односно примање на вакцина против коронавирусот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.