Како што сè повеќе луѓе се разболуваат, лекарите и научниците гледаат малку појасна слика за долгорочните последици врз пациентот.
Со анализа на пациентите кои закрепнале, јасно е дека во текот на болеста се појавуваат различни симптоми, од губење на сетилото за мирис, до депресија. Посериозни состојби се и воспалението на срцевиот мускул, акутна повреда на бубрезите и опаѓањето на косата. Но се чини дека кај голем број пациенти се развива и дијабетес, состојба која мора да се контролира во текот на целиот живот.
Станува збор за хронична болест што настанува кога панкреасот не произведува доволно инсулин или кога телото не може ефикасно да го употреби произведениот инсулин – хормон кој им овозможува на клетките преземање на гликозата од крвта и нејзино преработување во енергија. Несоодветното производство на инсулин или неговата неефикасност предизвикува зголемени нивоа на гликоза во крвта (хипергликемија), што може да резултира со долгорочна штета за организмот.
Доктор Михаил Зилберминт, кој се грижи за пациентите со метаболички нарушувања, неодамна изјави дека бројот на пациенти е двојно зголемен од кога трае пандемијата. Зилберминт додава дека новите пациенти претходно немале проблеми со оваа состојба, а некои дури и закрепнале по болничкото лекување. Но, другите, сепак, добиле дијабетес кога биле отпуштени од болничка нега.
„Вашингтон пост“ објави извештај во кој се наведува дека претходно целосно здрав 37-годишен маж завршил во болница поради дијабетес, а на 19-годишна девојка во Германија ѝ бил дијагностициран дијабетес тип 1, два месеца откако оздравела од ковид-19, а бројот на млади пациенти се зголемил во Детската болница во Лос Анџелес со дијагноза на дијабетес тип 2, при што сите случаи биле поврзани со коронавирусот.
Веднаш на самиот почеток на пандемијата во Кина, лекарите забележаа зголемување на бројот на пациенти со покачено ниво на шеќер во крвта. Лекарите во Италија, во уште еден голем центар на пандемијата, го забележале истиот феномен, а тоа го споредиле со истата појава на состојбата кога траела пандемијата на САРС во 2003 година. Според нивните статистики, 5,8 пациенти развиле одредено ниво на дијабетес по заразата со коронавирусот.
Во моментов, нова мета-анализа од Канада, Индија и Австралија, која прегледала осум студии во кои учествувале 3.700 пациенти со ковид-19, дава податоци дека околу 14,4 отсто од пациентите со коронавирус подоцна развиле дијабетес.
Коронавирусот може да влијае на развој на нов облик на дијабетес
„Вашингтон пост“ појаснува дека научниците не можат точно да поврзат како КОВИД може да биде предизвикувач за развој на дијабетес и дали состојбата е последователна, трајна или минлива.
Доктор Франческо Рубино, хирург на Кралскиот универзитет во Лондон наведе дека некои од случаите на новооткриениот дијабетес, кај некои пациенти не одговараат на вообичаениот профил на дијабетес тип 2, што може да значи дека се појавил нов облик на состојбата.
– Постои можност механизмот за дијабетес да не е вообичаен, може станува збор за еден вид хибрид и тоа да нè загрижува – заклучи тој.