Во Грција досега се спроведени над 410 илјади вакцинации, односно постигната е 3,9 отсто имунизациска покриеност, соопшти попладнево генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистоклеус, пренесува МИА.
На редовната прес-конференција за процесот на имунизација во земјата, Темистоклеус рече дека во среда и петок се отвора платформата за уште две категории, односно за лицата 60-64 години кои ќе ја примат вакцината на „АстраЗенека“ и граѓаните од 75 до 79-годишна возраст за кои продолжува вакцинацијата со вакцината на „Фајзер/Бионтек“.
– Advertisement –
Во Грција вчера пристигна првата пратка од 45 илјади дози од „АстраЗенека“, а во следните денови се очекуваат и нови пратки.
Вакцинацијата со оваа вакцина за лицата од 60 до 64 години ќе започне на 15 февруари.
Темистоклеус рече дека очекуваат во текот на март да заврши вакцинацијата на овие две групи, што се околу еден милион граѓани.
Паралелно, соопшти дека во Солун и Атина ќе се отворат два големи центри за вакцинации во саемските објекти, но и дека во процесот на вакцинација ќе бидат вклучени и мобилни единици на Националната организација за јавно здравје на Грција.
Во однос на имунизацијата на здравствените работници, Темистоклеус рече дека се вакцинирани над 73 отсто од лекари и околу 50 отсто од болничарите.