Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки во гостување во емисијата „Жешко политичко лето“ рече дека Владата може да прогласува каква сака состојба, ама факт е дека на терен состојбата со пожарите е вон контрола.

„Некој да ви остави опрема, да ви остави ер трактори и да не ги сервисирате за само 400 илјади евра, да ви остават 10 хеликоптери, а да ви останат само два за употреба и да не ги сервисирате и одржувате. Срамно е да имате и безпилотни летала кои може да ги користите за рано детектирање на пожари, а да ги исфрлите од систематизација“, вели Ковачки.

„Не ми е јасно само се бара помош од други држави, има ли оваа држава институции. Мисли ли државата да прави нешто, пожарите беснеат веќе неколку дена. Едно е јасно, не е инвестирано ништо во опремата за гаснење на пожари, па лето е, не може пожарите да изненадат“ – вели Ковачки.

Ковачки се осврна и на одговорноста за ситуацијата со пожарите.

„Одговорноста прво се лоцира на локално ниво, кај градоначалниците значи, тие се команданти, второ на централно ниво, каде е Дирекцијата за заштита и спасување, каде се останатите надлежни институции. Последниве години инвестирани се нула денари за одржување на опремата, на канадерите. Два тендери им пропаѓаат, зошто? Надлежните се должни да преземат активности и да ја одржуваат опремата која им е оставена“ заклучува Ковачки.