Димитар Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ со новиот предлог ги прифаќаат сите бугарски барања, рече Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Бугарскиот предлог е капитулација, а Ковачевски и Османи ја капитулираат Македонија.

-Предлогот кој Ковачевски, Османи, Пендаровски и останатите го претставуваат како модифицирана верзија, всушност е истата која наводно ја одбија пред една недела. Тоа е првата лага на Владата. Во овој предлог наместо отворање на европерспектива, се овозможува легална рамка Бугарија да условува со идентитетски теми, јазикот, историјата, промени на учебници, споменици, настани и други понижувачки барања.

Тоа Османи и Ковачевски им го обезбедуваат на бугарската страна преку годишните извештаи за спроведувањето на членот 12 од билатералниот договор од 2017-та кој што се однесува токму на овие чувствителни прашања. Па така ако на Бугарија не и се допадне некоја реченица во учебник, некоја лекција за Гоце Делчев или Илинденското востание, тие преку овој механизам би го блокирале пристапувањето на Македонија, само затоа што на тоа се согласила нашата страна.

Согласно овој Протокол, кој владата го нарекува годишен извештај, а кој е дел од условите за преговори, Македонија се обврзува на промена на учебник по географија за 7-мо одделение до почетокот на идната учебна година, промена на лекциите за Цар Самоил согласно одлуките на Комисијата за историја, заеднички годишен календар за 2022 и 2023 година за заеднички прослави на заеднички историски настани и личности.

Дозволете ми да цитирам само еден дел од Протоколот кој Владата сака да го сокрие:

„Двете страни да подготват и презентираат примероци од лекции врз основа на препораките на Комисијата, за кои Комисијата постигна согласност приложени кон Протоколот на следниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и да ги вклучи во иднина на соодветните наставни програми, учебници и други релевантни наставни материјали, натписи на табли, историски монументи, споменици и информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и во електронски информативни досиеја на јавен имот“

Ова е срамно. Ова е капитулација. Ова е свесна согласност на владата за прифаќање на сите бугарски барања, прифаќање на асимилација како услов за членство, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој повика вечерва на протест од 19:00 часот пред Влада.