Претседателот на Владата Димитар Ковачевски вечерва изјави дека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на два пати повторил дека има кокретна одредница за проширувањето на ЕУ – 2030 година, како и дека оние кои се побрзи во своите реформи, први ќе влезат во 2030 година во Европската унија.

-Сакам на почетокот да расчистиме три дилеми: Прво дека после долго време претседателот на Европскиот совет во Блед и повторно на телевизија Словенија кажа дека има конкретна одредница за проширување на Европската унија а тоа е 2030 година и тоа е истата година за која што ние велиме дека Северна Македонија ќе биде подготвена, истакна на почетокот на трибина на тема „ЕУ за македонската економија во Скопје денеска започна кампањата „Ние сме Европа“.

Ковачевски посочувајќи на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, нагласи дека „тоа значи дека оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 година во Европската унија“.

-Исто така оттука сакам да ги демантирам пропагандистите платени од трети држави кои не скаат да ја видат оваа држава во ЕУ, да ги демантирам структурите на поранешните служби на државна безбедност уште од времето на Југославија кои исто така не сакаат да ја видат оваа држава во ЕУ и оние чиишто бизнисни сметаат дека единствено можат да работат во изолирана држава, претседателот Макрон кажа да, Европа со повеќе брзини, но тоа значи дека оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 година во Европската унија, посочи Ковачевски.

Премиерот рече дека сите стратешки одлуки што ги носи оваа Влада и што ќе ги носи имаат стратешка цел, а тоа е развој на економијата, развој на приватниот сектор, нови вработувања и подобро платени работни места.

Со трибината, која се одржува во центарот на Скопје, на тема „ЕУ за македонската економија во Скопје денеска започна кампањата „Ние сме Европа“. Настанот е дел од информативниот караван под мотото „Саем на европски вредности“, а во рамки на караванот ќе се презентираат можностите и придобивките од преговорите кои ги нуди членството во ЕУ.

Вечерва свои обраќања ќе имаат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за економија Крешник Бектеши, шпанскиот амабасадор и други. На настанот присуствуваат голем дел од министрите во Владата, поранешниот премиер Владо Бучковски, како и повеќе граѓани.

Кампањата „Ние сме Европа“ ќе се реализира во осум градови низ државата, Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и во Штип. Темите што ќе бидат опфатени се економија, култура, енергетика, туризам, земјоделие, млади, инфраструктура и социјална политика.