Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека земјава ќе го причека исходот од судската постапка во Грција што се води во однос на Центарот за македонски јазик. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, пак, истакна дека за тоа не сака да зборува предвреме, но се надева, како што напомена, дека „нема да се случи она што се бара“.

Со Грција, напомена Ковачевски, имаме Договор до кој се придржуваат двете страни.

-Во Грција се отвори Центар за македонски јазик но, има одредена судска постапка. Ние не можеме да коментираме судски постапки во друга држава, исто како што други држави не може да коментираат судски постапки кај нас. На крај, ќе мораме да го почекаме тој резултат, но во секој случај ние остануваме на тоа дека македонскиот јазик е секаде македонски, без исклучок, потенцира Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Премиерот уште еднаш нагласи дека во сите свои разговори надвор, со сите државници во светот и на мултилатералните состаноци во ЕУ, зборува исклучиво на македонски јазик.

-Нашиот македонски јазик е комплетно признаен во ЕУ и во ОН. Во Брисел и Њујорк воопшто не го користам англискиот, зборувам исклучиво на македонски јазик. Тоа сметам дека е голема придобивка, да го користите сопствениот јазик и за тоа да биде обезбеден преведувач, рече Ковачевски.

Министерката Костадиновска-Стојчевска на форумот во Давос разговарала со државната секретарка во грчкото Министерство за култура.

– При неодамнешната средба во рамки на форумот во Давос, разговаравме за многу работи, начелно за културната соработка. Се договоривме дека ќе учествуваме на одбележувањето на европската културна престолнина Елевсина, еден од трите градови кои годинава ќе бидат европски престолнини на културата, како и за обновување и продолжување на Договорот за соработка во рамки на културата. Во однос на вашето прашање, не би сакала да зборувам предвреме, но се надевам дека нема да се случи она што се бара, подвлече министерката