Премиерот Димитар Ковачевски го осуди насилството во Охрид и повика на разумност, по тензијата која што се создаде во македонско бугарските односи, откако во четвртокот (19.01)  физички беше нападнат Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид.Тој го впери прстот кон опозицијата, обвинувајќи за „одвлекување на вниманието од европската агенда“ и побара брзо расветлување на инцидентот.

„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар, кога играат ‘Пелистер’ или ‘Вардар’, или пак,  ‘МЗТ’ и ‘Работнички’. Ова е нашата иднина“, порача денеска премиерот.

Тој го осуди насилството и најави дека ќе се спротивстави на секоја провокација која што доаѓа од внатре и од надвор, а ги повредува чувствата на Македонците и буди немир меѓу граѓаните. „За мене такви провокации се недозволиви“, вели Ковачевски, кој е задоволен од брзата реакција на институциите и МВР. .Се надева дека случајот наскоро ќе биде расветлен и по него ќе постапува надлежното јавно обвинителство.