За поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски има потерница да се врати во Македонија, и тој треба да се врати, но за да се соочи со правдата, согласно македонските закони, и согласно со пресудите од независните правосудни органи, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
На новинарско прашање дали се соочува со притисоци за враќање на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов со цел да се создадат услови за враќање на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и за ова прашање разговарал со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, Ковачевски рече дека немал состанок со поранешниот премиер Заев, ниту со Зечевиќ.
За него, рече, враќањето на Груевски не е актуелна тема.
-Сметам дека тоа е депласирана тема од аспект на тоа што прво за него има потерница да се врати во Македонија, и тој треба да се врати. Меѓутоа треба да се врати за да се соочи со правдата, согласно македонските закони, и согласно со она коешто е донесено од независните правосудни органи, рече Ковачевски.
За комуникација со судските правосудните органи, премиерот рече дека нема никаква комуникација и оти смета дека тие треба да работат независно.