Премиерот Димитар Ковачевски, за време на денешната посета на Валандово, истакна дека вложувањето во рана предучилишна едукација, во образование, значи вложување во иднината на државата. 

„За мене, секое дете е важно, денеска ова е посебен момент – селото Јосифово, во Општина Валандово, добива нова детска градинка. Зарем има поубаво име за така убава установа, како асоцијација на среќа – „Детелинка“. Во оваа градинка на среќата ќе бидат згрижени околу шеесетина деца поделени во три воспитни групи. Навистина се гордеам што со новите градинки решаваме голем проблем на родителите. Правиме сé за повеќе да не треба да се грижат кој ќе ги чува нивните деца за тие да се посветат на работните или семејните обврски“, вели Ковачевски.

Градинката беше отворена во присуство на министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, како и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов. 

„Изграден е објект по највисоки стандарди со капацитет да ги прифати сите деца на претшколска возраст, од Јосифово. Детската радост нема цена. Инвестираме во подобри услови за најмалите, сакаме општество на здрави индивидуи и иднина овде“, напиша на фејсбук градоначалникот Костадинов.

Инаку, според премиерот проектот за изградба на нови градинки низ државата рамномерно ги опфаќа сите градови и места каде има потреба од згрижување на деца. 

„Благодарение на бројните мерки што ги презедовме досега, постигнуваме резултати. За првпат во историјата на државата со поддршка на Владата предводена од СДСМ се изградени 72 градинки, во кои се згрижени околу 4.800 нови деца. За првпат 10 населени места добија градинки, а клонови на јавни установи се направени во уште 17 населени места. Како Влада обезбедуваме услови за оптимален развој на детето, помагаме на родителите во воспитување на децата, бидејќи важно е што поголем број деца да одат во градинка и да стекнуваат добри навики уште во најраната возраст“, додаде Ковачевски.

Тој истакна дека пуштањето во употреба на новата градинка во село Јосифово, не значи само згрижени и безбедни деца, туку отворање на нови работни места. 

„Во оваа нова градинка има 13 нови вработувања, ова е уште една потврда дека заложбите на Владата се рамномерен регионален развој, нови добро платени работни места. Владата предводена од СДСМ, платите во градинките ги зголеми за 21%, а со потпишувањето на измените на Колективниот договор, што преку дијалог го остварија Министерството за труд и социјална политика и СОНК, веќе од септември, вработените во дејноста згрижување и воспитание, плата на воспитувачките, негувателите и стручниот кадар во градинките ја покачивме за 15%. Со Законот за минимална плата, покачување доби и техничкиот персонал“, нагласи премиерот.

Тој додаде дека во време на тешка здравствена и економска криза е зголемена минималната плата и покачени се пензиите. 

„Пензионерите кои имаат најмали пензии овие четири месеци ќе добијат дополнителна финансиска, помош никој не треба да се мисли дали да купи млеко или потребниот лек, дали ќе има леб, ако плати струја. Поддршка добија и ранливите категории граѓани. Ја субвенционираме струјата, за сметките да бидат 5 пати пониски во однос на тоа што би го плаќале граѓаните. Децата, учениците мора да одат во училиште, нема изостанување од настава поради греење, затоа донесовме мерки за училиштата и болниците да набавуваат поевтина струја“, истакна Ковачевски.