Премиерот Димитар Ковачевски вечерва уште еднаш повтори дека македонската поддршка за Украина продолжува.

Одговорајќи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, Ковачевски напомена дека во земјава има помал број граѓани од Украина кои ја напуштиле својата држава, а тука ги имаат сите права овозможени со националните  одлуки, но и со конвенциите на кои Северна Македонија е потписник.

-Северна Македонија уште од првиот ден на воената агресија на Русија врз Украина имаше многу јасен став и како Влада, меѓутоа и како граѓани дека го осудуваме воениот напад на Русија врз Украина бидејќи тоа е напад врз територијалниот интегритет, суверенитет на државата, напад врз невини животи, врз невини луѓе, врз цивилни цели, напад врз една цивилизациска придобивка што Европа ја има, а тоа е мир и напредок. И Русија нападна токму врз тоа. Цели на руската агресија таму се инфраструктурата, снабдувањето со вода, со електрична енергија, со греење со цел украинскиот народ во текот на зимата да биде оставен сам. Но, украинскиот народ нема да биде сам. Јас со украинскиот премиер потпишав Договор за слободна трговија со храна на маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Прага и сме во постојана комуникација и со МНР и со Владата на Украина во однос на овозможувањето се што е можно од наша страна со оглед на нашите капацитети да се помогне на украинските граѓани. И тоа го правевме и тоа ќе продолжиме да го правиме, потенцира Ковачевски,

Во однос на мигранските бранови што доаѓаат од азиски и африкански држави, премиерот оцени дека МВР одлично ја извршува својата работа.

-Сите наши граѓани беа сведоци дека на границата многу често можевме да видиме полицајци од Чешка, од Унгарија. Тоа е зашто ние го немавме потпишано Фронтекс договорот. И сакам да им се заблагодарам што до ден денес полицајците од Чешка, од Унгарија, Словачка тука и од други држави од ЕУ беа на располагање на нашите граѓани, на нашата граница, да спречат поголеми мигрански бранови и тоа е благодарност што ја кажувам во името на сите наши институции и во името на сите наши граѓани. Но, од денес Северна Македонија е дел од Фронтекс договорот и последната пречка што стоеше во текот на сите изминати години е надмината, бидејќи Фронтекс договорот како што веќе кажавме и сите видовме е потпишан на чист македонски јазик и од денес нашите полицајци со Фронтекс ознаки ќе можат да се грижат за границата во делот на нелегалното мигранско минување, подвлече Ковачевски.