„Во 2022 година, во услови на една од најголемите светски кризи по Втората светска војна, Владата успеа да ги заштити егзистенцијата и стандардот на граѓаните од енормните поскапувања на храната и на струјата, предизвикани од светската, економско-енергетска криза. Ги зголемивме минималната плата, просечната плата и пензиите. Помогнавме на компаниите да ги задржат вработените“ рече премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на конференцијата „Година на нови можности“.
Тој додаде дека во кризната 2022-ра година за целиот свет, земјава имаме и нови инвестиции, со новоотворени работни места.
„За прв пат од независноста на државата, донесовме и низа на системски и стратегиски одлуки и решенија, со коишто, конкретно, се насочивме кон стратешко и одржливо домашно производство на храна и стратешко домашно производство на енергија, тргнувајќи од природните потенцијали на нашата држава: плодна земја, сонце, ветар и вода. Со овие стратешки политики, овозможуваме, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и независност на државата кога станува збор за достапноста до храна и енергија“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека се поставени јасни економски и европски цели и во тие два права ќе се унапредува развојот на државата.