Законот за плати со кој ќе се регулираат и платите на функционерите и избраните лица е во изработка, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски.
-Од Одлуката на Уставен суд со која се зголемија платите на функционерите поминаа четири и пол месеци и законот е во фаза на изработка. Владата пристапи кон изработка на закон за плати кој ќе треба да ја регулира највисоката плата во државата и согласно со соодветни критериуми да ги регулира и другите плати. Се работи за исклучително комплексен закон за кој треба да бидат консултирани и оние кои не се дел од извршната власт, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на компанијата „Дата мастерс“ во Скопје.
Порача дека во април годинава функционерите сами не си ги покачија платите, туку беа усогласени со одлуката на Уставниот суд.
-Платите на 44 членови на Влада, градоначалници, пратеници, судии, обвинители,… претходно беа замрзнати противуставно и противзаконски од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ за што тогашниот уставен суд никогаш не расправаше. Сегашниот расправаше и рече дека е противзаконско замрзнување на платите, бидејќи се дојде во ситуација министер за финансии и претседател на држава да има пониска плата од секретарка во АЕК или директор на јавно претпријатие, посочи Ковачевски.
Нагласи дека тоа го согледал уште пред одлуката на Уставниот суд и иницирал донесување на закон за плати, а мотив му бил фактот што забележал дека директорско место во јавно претпријатие или секретарско во регулаторна агенција има поголема плата од претседател на држава што според него е недозволиво.