Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, во рамките на дводневната работна посета на институциите на ЕУ во Брисел.
На средбата на која присуствуваа и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Ковачевски истакна дека во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската Комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија.
Премиерот Ковачевски во таа насока како охрабрувачка ја оцени брзата организација на неговата работна посета на Брисел, заради можноста највисоките претставници на ЕУ да бидат запознаени со резултатите од интензивната агенда на дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
На двете официјални работни средби и во Скопје и во Софија, рече премиерот Ковачевски на средбата со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, се постигна договор за унапредување на билатералната соработка преку создавање на пет работни групи.
Од нивната работа се очекуваат конкретни резултати кои ќе бидат преточени во патоказ кој ќе го забрза процесот за одржување на првата Меѓувладина седница на Северна Македонија со ЕУ за отворање на поглавјата за членство во Унијата.
Од исклучителна важност во тој процес е вклучувањето на Европската Комисија и Француското Претседателството со ЕУ за да се овозможи решенијата да бидат во согласност со европските стандарди и вредности.
Двајцата соговорници на средбата се согласија дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите.
На средбата стана збор и за ефектуирањето на финансиската поддршка од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан за проектите за железницата со Република Бугарија, за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за парк за ветерна енергија и за соларна централа, како и за интерконекторот за гасно поврзување на Северна Македонија со Србија.
Ковачевски во Брисел имал средба и со претседателот на Европскиот совер, Шарл Мишел.