Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека сѐ уште нема конкретни разговори со Алијансата за Албанците за програма за соработка и за кадровски прашања.

– Кога зборуваме за Алијансата за Албанците, тогаш треба да кажеме дека таа соработка треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политички и втората е кадровска и за такви сѐ уште нема конкретни разговори, изјави денеска Ковачевски.

Тој го повтори ставот дека, според него, во државата има два концепта – едниот е „концепт за европска Македонија“, односно продолжување на патот на преговори и зачленување на државата во ЕУ, а вториот, како што рече, е концептот на Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ против ЕУ и НАТО. Овие партии, според Ковачевски, тоа го потврдиле, преку сите гласања до сега во изминативе 31 година.