Премиерот Димитар Ковачевски вечерва обелодени дека од буџетот ќе бидат скратени дополнителни 100 милиони евра непродуктивни трошоци.
– Во моментов, работиме на ребалансот на Буџетот. Завршена е расходната страна и ќе има кратење на дополнителни 100 милиони евра непродуктивни трошоци, рече Ковачевски во централниот дневник на телевизија „Сител“.
Тој додаде дека ова се дополнителни кратења на веќе предвиденото кратење на тековните расходи од осум проценти и дополнителните мерки за ограничување на трошоците за репрезентација и патувања.
– До крајот на мај треба да биде завршен ребалансот на Буџетот и ставен во собраниска процедура. Во моментов се разгледуваат опциите за покривање на дефицитот, бидејќи расте и цената на капиталот, рече Ковачевски, додавајќи дека се разгледуваат сите опции и се водат разговори со цел обезбедување средства со најниска цена на капитал.
Во врска со преговорите со Синдикатот за образование, наука и култура и нивните барања, Ковачевски изрази уверување дека процесот на разговори ќе даде резултат и дека ќе се најде методолгија за постојан раст на платите, но и за зголемување на продуктивноста.
– Верувам дека процесот на разговори со СОНК ќе даде решение, дека ќе имаме расат на платите на наставниците и методологија која ќе овозможи раст на платите во иднина. Но не едноставен раст, туку раст проследен со зголемување на ефикасноста и продуктивноста, рече Ковачевски.