Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска телефонски разговарал со премиерот на Канада, Џастин Трудо, во присуство на министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Ковачевски изразил задоволство што токму денеска во посета на нашата земја е министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, што, оценил тој, „говори за активниот и континуиран дијалог меѓу нашите две земји по важни теми од интерес на двете земји, на Европа и пошироко“.

-На разговорот беа опфатени неколку теми во насока на натамошно продлабочување на билатералните односи, како и соработката во рамките на НАТО и мултилатералната сцена. Премиерот Ковачевски нагласи дека долгорочен интерес на Северна Македонија е севкупно развивање на односите и соработката со Канада, која од самите почетоци на нашата независност манифестира активна поддршка на реформските, европското и евроатлантското интегрирање на земјата, соопшти прес-службата на Владата.

Од двете страни, се наведува во соопштението, беше нагласена важноста од продолжување на започнатиот процес на интегрирање на Северна Македонија во ЕУ, кој нуди сигурен, предвидлив и безбеден пат за нејзиниот просперитет и напредок како дел од европското семејство на народи.

-Канадскиот премиер Трудо изрази задоволство од одличната соработка на двете држави во НАТО, посебно од учеството на македонски војници во борбената група за зајакнато истурено присуство во Латвија, која е под канадска команда, се наведува во соопштението од Владата.

Притоа, Трудо истакнал дека оваа група овозможува значајна соработка меѓу сојузниците од различни земји во зајакнување на трансатлантската одбрана и безбедност, а македонските војници, како дел од неа, се високопочитувани од страна на канадските колеги.

-Нашата соработка е силна во НАТО, во ЕУ и во Украина, и знам дека народот на Сереверна Македонија разбира дека иднината на земјата е светла како дел од напредните европски демократии, истакнал канадскиот премиер, нагласувајќи дека „Северна Македонија може секогаш да смета на Канада“.

Премиерот Ковачевски се осврнал и на важноста на македонската заедница во Канада и нејзиниот значаен придонес во канадското општество.