„Со тоа што во Уставот е посочено на македонски народ и делови од народи, со овој предлог се додаваат во продолжение другите делови од народи, недвосмислено е истакната примарната уставотворност на македонскиот народ, како и објективната културолошка, историска и нормативна засебност и уникатност на на македонскиот народ од другите народи, вклучувајки го во овој контекст и бугарскиот народ“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање пред Комисијата за уставни прашања во Собранието.
Тој додаде дека уставните измени не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање, а предлогот за измените ги продолжуваат и интензивираат процесите на патот кон
целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
„Затоа, граѓаните нема за што да бидат загрижени. А на нас, како одговорни носители на јавни функции е обврската тоа добро да го објасниме. И да носиме мудри одлуки, што отвораат перспективи, а нема да ја заглават државата во нова многугодишна изолација“ додаде Ковачевски.
Премиерот појасни дека предложените интервенции во Уставот се однесуваат на додавањето делови од народи во Преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот при набројувањето на делови од народи кои живеат во нашата држава.