Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска го започна претресот по Ребалансот на Буџетот. Согласно Деловникот, претресот треба да заврши за десет дена. Поднесени се 222 амандмани, од кои 154 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Предложениот ребаланс на Буџетот, чии клучни сегменти се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството, го образложува заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски. Тој рече дека предлог-Ребалансот на Буџетот за 2021 година заслужува конструктивна дискусија базирана на аргументи, меѓусебно почитување и и го повика сите пратеници да го поддржат.
Со предложениот Ребаланс на Буџетот за 2021 година главни приоритети, како што кажа, остануваат здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии и општество воопшто. Документот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети.
-Приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии. Имајќи ги предвид остварувањата на приходите за периодот јануари-мај 2021 година, како и потребата за обезбедување на средства за спроведување на активностите предвидени со петтиот и шестиот сет на мерки, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на приходната и расходната страна на Буџетот, рече Ковачевски.
–Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и истите се за околу 10 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот, рече Ковачевски.
Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,7% и се планирани на ниво од 123,9 милијарди денари односно за околу 6 милијарди повеќе во однос на иницијалниот буџет.
Социјалните приходи како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 69 милијарди денари или за околу 1 милијарда денари повисоко во однос на планот за 2021 година. Останатите приходи (неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 29,5 милијарди денари.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6%, односно за околу 21 милијарди денари повисоки во однос на планот.
Планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5% од БДП.
-Имајќи предвид дека расходите за исплата на платите и за стоки и услуги се планирани на идентично ниво споредбено со Буџетот за 2021 година, произлегува дека промените во дефицитот (зголемувањето на дефицитот од 4,9% на 6,5% во однос на БДП) се резултат на потребата за зголемено финансирање за сетот на економските мерки во Владата на РСМ за справување со последиците од здравствено-економската кризата, а кои ќе се финансираат преку категоријата субвенции и трансфери и преку капитални расходи, истакна заменик-министерот за финансии.
Дополнително, рече Ковачевски, треба да се земе предвид фактот дека во рамки на идентично планираните расходи за исплата на плати и стоки и услуги, со овој ребаланс на буџетот за 2021 година обезбедени се финансиски средства за исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции, како и дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови и вакцини за имунизација на населението. Исто така на расходната страна на буџетот се врши ограничувње и сведување на минимум на несуштинските трошења кај буџетските корисници без да се наруши нивното редовно подмирување на обврски.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 176 милијарди денари или за околу 14,7 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година, а се однесуваат пред се на потребните средства за имплементирање на економските мерки за справување со кризата предизвикана од пандемијата на Коронавирусот COVID -19.
Во насока на продолжување на мерките од претходните четири пакети мерки со цел обнова/рестартирање на економијата и враќање на стапките на економски раст од пред настапување на кризата, петтиот и шестиот пакет мерки со планираните дополнителни 6 милијарди денари предвидена е директна поддршка на стопанството и компаниите и тоа за финансиска поддршка на плати за вработените, скалесто од 14.500 до 21.776 денари во месеците февруари и март 2021 година, поддршка за извозни компании преку ревидирање на царинскиот тарифник и усогласување со правилата на ЕУ пазарот и пазарите на членките на СТО, олеснителни услови за 245 компании кои имаат активни договори и нови кои ќе инвестираат согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кофинансирана помош за микро, мали и средни претпријатија за технолошки развој, финансиска поддршка на угостителските објекти, категоризираните ресторани за свадби, евент индустријата, игротеките, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центрите, фотографите и фотографските студија, категоризираните туристички агенции, музичарите, членовите на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи преку повеќе модалитети, субвенционирани каматни стаки за компаниите кои ја реинвестирале добивката од 2020 година, со мерка преку Развојната Банка, медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма ќе се поддржат со бескаматна кредитна линија преку Развојната банка и за странските туристи кои престојувале во државата ќе се овозможат бесплатни ПЦР тестови како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка и угостителска дејност.
За исполнување и спроведување на законските надлежности дополнително кај буџетските корисници планирана е дополнителна поддршка на земјоделскиот сектор со обезбедување на дополнителни 3 милијарди денари, заштитата на животната средина се зајакнува преку нова програма за зелен развој со 685 милиони денари, за социјалниот сектор се обезбедуваат дополнителни 416 милиони денари наменети за исплата на надоместоци за детска заштита и социјалните права, обезбедување на средства за студентски оброк-200 милиони денари, обезбедување на средства за поврат на ДДВ-880 милиони денари, како и дополнителни средства за радиодифузна дејност од 210 милиони денари.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година, односно со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи. Порастот од 26,9% на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата.илиони денари,
–Проектираниот дефицит за 2021 година, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 37,2 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, вклучително и отплата на еврообврзница издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа отплатите на државни обврзници во износ од 4,68 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,44 милијарди денари, рече Ковачевски.
Во рамки на домашното задолжување кое е предвидено на ниво од 23,13 милијарди денари, се реализира со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност со истовремена отплата на државни обврзници во износ од 4,68 милијарди денари, при што ќе се реализира максимален износ на нето задолжување преку државни хартии од вредност во износ од 18,45 милијарди денари кои ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2021 година како и за делумно финансирање на 2022 година. Задолжувањето во странство, додаде Ковачевски, се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти вкучително и заем од ММФ, втора транша од заемот од ЕУ за макро-финансиска поддршка во износ од 80 милиони евра, како и преку Еврообврзница во износ од 700 милиони евра.
Дополнително, рече тој, согласно Фискалната стратегија 2021-2026 година, покрај подобрената структура на јавните финансии со зголемено учество на капиталните расходи, предвидена е и етапна фискална консолидација, преку намалување на буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП и тоа: 4,3% во 2022 година, 3,5% во 2023 година, 2,9% во 2024 година, 2,5% во 2025 година и 2,2% во 2026 година. Притоа, расходната страна на Буџетот на РСМ во наредниот период целосно е креирана во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.
Зборувајќи за економските случувања и фискалните движења во тековнава година, кои претставуваат основа за подготовка на ребалансот на буџетот 2021 година, заменик-министерот рече дека во 2020 година БДП забележа реален пад од 4,5%, што е во рамки на нашите очекувања. Државната помош преку различни економски мерки продолжи во 2021 година, како преку мерките кои беа преземени претходната година и продолжија да се реализираат во текот на оваа година, така и преку нови мерки, вклучително и најавените кредитни линии за поддршка на претпријатијата, со цел, потенцира Ковачевски, ублажување на ефектите на пандемијата врз најзагрозените и поддршка на економијата за нејзино побрзо заздравување.
-Во првото тримесечје од 2021 година падот на реалниот БДП забави и изнесува 1,9% на годишна основа, којшто произлегува главно од падот на бруто-инвестициите од 16,6%, поточно значителното намалување на залихите во овој период, кое е ублажено со растот на инвестициите во основни средства, во услови на зголемени инвестиции во градежни работи и силен увоз на инвестициски добра. Потрошувачката забележа минимален пад од 0,1%, во чии рамки приватната потрошувачка порасна за 0,4%, а јавната потрошувачка опадна за 2,2%. Приватната потрошувачка беше поддржана преку мерките за справување со последиците од корона-кризата, при раст и на дознаките од странство, што се одрази врз зголемен промет на непрехранбени продукти, рече тој.
Извозот забележа реален раст од 8,6%, во услови на подобрено меѓународно економско окружување, а увозот порасна за 2%, со што нето-извозот има позитивен придонес врз економската активност. Уште во последните неколку месеци од 2020 година, надворешно-трговската размена, како што посочи, покажа знаци на закрепнување, за во првите четири месеци од 2021 година размената значително да се интензивира, односно извозот на стоки забележа номинален раст од 40,7%, а увозот на стоки од 34,4%.
-Податоците за индустријата покажуваат дека во март е прекинат падот на производството во претходните два месеца, а во април растот достигна 46,1%, при што покрај забрзувањето на растот на производството на машини, уреди и електрична опрема, се забележува премин во позитивната зона на производството на моторни возила, прехранбени производи, текстил, облека, мебел итн. Искористеноста на капацитетите во преработувачката индустрија продолжи да расте во текот на 2021 година и во април го достигна нивото пред здравствено-економската криза (71,4%), рече Ковачевски.
Согласно Анкетата на работна сила, стапката на невработеност продолжи да се намалува во првото тримесечје и достигна 16%. Во првите три месеци платите забележаа просечен раст од 4%, пред се, како резултат на зголемените плати во информациско-комуникациската дејност, здравството, уметноста и дел од дејностите во индустрискиот сектор.
Во периодот јануари-мај 2021 година стапката на инфлација изнесува 2,3%, придвижена од порастот на цените на храната, електричната енергија, нафтените деривати и тутунот.
Во однос на реализацијата на Буџетот заклучно со мај 2021 година истакна дека имаме одлична реализација на приходите, а расходите генерално се реализираат редовно и навремено во рамки на предвидувањата и очекувањата.
Вкупните приходи во периодот јануари-мај 2021 година се реализирани во износ од 83,6 милијарди денари што претставува 39,3% во однос на планираните за 2021 година и претставува раст од 13,9% или во апсолутен износ од 10,2 милијарди денари во однос на истиот период од лани.
Даночните приходи и социјални придонеси изнесуваат 75,8 милијарди денари, односно учествуваат со 90,7% во вкупните приходи.
-Даночните приходи во овој период се остварија на ниво од 47,9 милијарди денари и истите се за 19% повисоки од анализираниот период во минатата година или за 7,6 милијарди денари остварена е повисока наплата, рече Ковачевски.
Приходите од социјални придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско, здравствено осигурување и вработување во анализираниот период се остварија во износ од 27,9 милијарди денари, што претставува 40,8% во однос на годишно планираниот износ, односно за 5,8% повисоко од реализацијата во минатата година.
Во периодот јануари-мај 2021 година неданочните приходи изнесуваат 5,3 милијарди денари, при што доминантни се неданочните приходи на буџетските корисници на сопствените сметки кои се остварија на ниво од 2,8 милијарди денари.
Капиталните приходи изнесуваат 387 милиони денари, при што во структурата учествуваат приходите по основ на дивиденда, продажба на земјиште и станови.
Буџетските корисници реализираа 2,1 милијарди денари по основ на донации од меѓународна мултилатерална и билатерална соработка и истите во однос на планираните изнесуваат 33,6%.
За вкупните расходи на Буџетот во овој период од 2021 година, Ковачевски рече дека се реализирале во износ од 95,5 милијарди денари, што претставува 38,6% во однос на годишно планираниот износ или раст од 3,5% во однос на истиот период од минатата година.
-Најголемо учество во структурата на тековните расходи имаат трансферите, за кои во овој период се исплатија 68,7 милијарди денари што претставува 42,6% во однос на годишно планираниот износ. Во текот на анализираниот период редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализираа 5,1 милијарди денари. За исплата на пензиите се наменија 25,7 милијарди денари, додека преку Агенцијата за вработување се реализираа средства во износ од 712 милиони денари за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност и активни мерки. За финансирање на здравствените услуги и надоместоци се исплатија 13,8 милијарди денари. Од Буџетот кон општините се трансферираа осум милијарди денари како блок дотации за финансирање на пренесените надлежности, за финансирање на материјалните трошоци во локалните јавни установи, како и 932 милиони денари од приходот остварен од данок на додадена вредност, рече Ковачевски.
За сервисирање на обврските по основ на камати биле одвоени 2,3 милијарди денари, согласно амортизационите планови за домашно и надворешно задолжување. Од овој износ 1,2 милијарда денари биле наменети за исплата на камати по надворешно задолжување и 1,1 милијарда денари по основ на домашно задолжување.
-Капиталните расходи во периодот јануари-мај 2021 година се реализираа во износ од 5,3 милијарди денари или 22,1% во однос на годишно планираниот буџет и се повисоки за 47,9% во однос на истиот период од минатата година, рече заменик-министерот за финансии.
Според Ковачевски, во периодот јануари-мај 2021 година остварен е дефицитна Буџетот во висина од 11,9 милијарди денари или 1,7% од планираниот БДП.
-Државниот долг на Република Северна Македонија на 31.03.2021 година изнесува 6.207,8 милиони евра, односно 54,1% од БДП, додека јавниот долг на 31.03.2021 година изнесува 7.173,6 милиони евра, односно 62,5% од БДП, истакна Ковачевски.
Заменик министерот посочи дека се очекува постепено стабилизирање на глобалните синџири за снабдување и раст на странската побарувачка имајќи ја предвид Ковид-кризата. Ваквите очекувања, придружени со намалените притисоци од пандемијата во глобални рамки, во услови на интензивирање на процесот на вакцинација, се очекува да влијаат поволно врз домашните економски текови.
-По падот во 2020 година, економијата се очекува да заздрави во 2021 година, при што растот е проектиран на 4,1%, колку што изнесуваше и со првичниот Буџет, но со одредено приспособување во однос на структурата на растот, односно поголем позитивен придонес на домашната побарувачка, при нагорна ревизија на проекциите за раст на потрошувачката и инвестициите, но и поголем негативен придонес на нето-извозот врз економскиот раст, рече Ковачевски.
Декомпозицијата на економскиот раст, според него, покажува дека инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката, исто така, е предвидено да го поддржи растот на домашната побарувачка. Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 4%, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3%. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6%, а увозот раст од 11% на реална основа.
-Бројот на вработени е предвидено да се зголеми за 1%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5%, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8%, рече Ковачевски.
Стапката на инфлација во 2021 година, како што рече, е предвидено да изнесува 2,1%, што претставува одредено интензивирање на инфлацијата споредено со 2020 година, и е ревидирана нагорно во однос на првичната проекција (1,5%), при нагорна корекција на проектираниот раст на цените на примарните производи на светските берзи, како што се нафтата и прехранбените продукти, и нагорно придвижување на странската ефективна инфлација