– Кај некои од пекарите веќе е регистрирано намалување на цената на белиот леб, исто така има намалување на цените на млекото кај одредени млекарници, и треба да се има предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Во наредниот период очекува дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производи од пекарската, млекарската и од месната индустрија кое што намалување, како што рече, очекуваме да биде како што беше договорено од најмалку десет проценти.
Во обраќање на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: Како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“ во организација на Стопанската комора на Северна Македонија, Ковачевски се осврна на мерките и одлуките на Владата за ублажување на кризата и високата инфлација и истакна дека грижата на Владата и политиките за помош на граѓаните и стопанството продолжува и следната година. Тоа, како што посочи, преточено во новиот Буџетот за 2023 година а кој треба да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата , за да понатаму се постигнат и посакуваните стапки на раст од пет проценти на БДП.
-За антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра. Кризата се уште трае, ја менува формата и динамиката, поставува нови неизвесности и предизвици и Владата е тука да ги слушне сите предлози на деловната заедница како што ги слушаше и досега. И оваа година фокусот на Владата е да обезбеди услови на раст на инвестициите. Наша цел е домашните и странските инвестиции да бидат двигател на растот, да се зголемува извозот, да се намалува невработеноста, паралелно да растат платите и да се подобрува животниот стандард. Нашето членство во НАТО обезбедува сигурност на инвестициите, дополнително стартот на пристапните преговори во ЕУ ќе ја зголеми стабилноста , ќе се отворат нови пазари, а сето тоа значи и нови можности за компаниите, рече Ковачевски.
Кризата, порача, ќе ја преживееме и надминеме само со заедничка работа, солидарност, поддршка на најранливите категории граѓани, зачувување на работните места и задржување на ликвидноста на компаниите.
Кога се работи напорно и има волја, посочи, нема недостижна цел, а бизнис заедницата во Владата има сериозен партнер.
-Владата е партнер на деловната заедница бидејќи заедничка цел ни е да создаваме подoбри услови за граѓаните, ликвидни и брзорастечки компании, подобро платени работни места, а со тоа и подобар животен стандард за сите во државата, рече Ковачевски, повторувајќи дека никој нема да биде оставен сам да се справува со најтешката економска и енергетска криза по Втората светска војна.
Тој посочи дека голем број од мерките кои се реализираат се практично барања на коморите и оти Владата одговорно и навремено интервенирале со мерки за одржување на ликвидноста на компаниите, како и дека редовно ги сервисира обврските и кон стопанството и кон граѓаните.
-Само во 2022 година двата пакета антикризни мерки беа вредност од 760 милиони евра, најголем пакет државна поддршка во регионот, рече Ковачевски и посочи дека лани стопанството добило поврат на ДДВ во износ од 727 милиони евра, а динамиката во тој процес ќе продолжи и во иднина.