На утрешната средба меѓу премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков доминантно ќе се разговара на теми од областа на економијата, инфраструктурата, образованието, образовната соработка, иновациите, како и за поддршката во евроинтеграцискиот процес на земјава.
Ова денеска го потврди премиерот Ковачевски во изјава за медиумите по средбата со претседателот на државата Стево Пендаровски.
Тој нагласи дека на средбата со Петков ќе разговараат сето она „што ќе значи зголемена размена на трговија, зголемена размена на идеи, зголемена размена на млади коишто меѓу себе ќе ја вратат довербата“, со цел да се успее да се воспостави дијалогот на „едно ниво кое што гледа кон иднината“.
Намерата на двајцата премиери, како што рече, е да разговараат за иднината, како и за проекти коишто значат подобар живот на граѓаните на двете држави.
Ковачевски вели дека нашите позиции се кристално јасни, односно дека ние сме Република Северна Македонија во која граѓаните зборуваат македонски јазик и имаме свој засебен идентитет.
– Во однос на историските прашања секогаш сум кажувал дека треба да бидат дел од дебата на историчарите, а дека довербата меѓу граѓаните треба да се гради на позиции коишто значат подобар стандард за нив и како да дојдеме до тоа. Во однос на малцинските права ние ги почитуваме сите повелби и сите организации во кои се регулираат на меѓународно ниво, вклучително и ОН и малцинските права. Ние исто така сме држава која што кажала во однос на сите свои соседи дека нема да се меша во нивните внатрешни прашања, потенцира Ковачевски.
Со бугарскиот премиер Петков, како што рече, нема да потпишуваат договори во однос на тоа што треба да го сработат на полето на економијата, туку низ работа ќе ја вратат прво довербата меѓу граѓаните и тоа нема во сите области да го прават политичарите.
– Кога зборуваме за соработка во областа на економијата и во областа на трговијата тогаш тука сметам на соработка помеѓу бизнис секторот, што значи дека ќе ги повикаме и стопанските комори на двете држави да соработуваат помеѓу себе. Во областа на образованието ќе ги повикаме и универзитетите да соработуваат меѓу себе. Во однос на иновациите, оние кои се занимаваат со нови бизниси, со иновации да соработуваат меѓу себе, додаде Ковачевски.
Тој нагласи дека ваквиот принцип ќе се користи и при образовна и културна размена, како и дека ќе се работи на тоа младите да воспостават подобра комуникација меѓу себе.
– Се надеваме дека на тој начин, правејќи еден дијалог на ниво на теми кои го исполнуваат животот на луѓето во однос на нивните очекувања и во однос на подобрувањето на тоа како живеат, тие ќе надвладеат над историските теми и дека врз основа на таков дијалог и врз основа на таков разговор меѓу две добрососедски и две соседни држави, разговор што ќе се базира на европските вредности, на почитување меѓу сите граѓани и на почитување на достоинството на двете држави, ќе успееме да дојдеме до решение, рече Ковачевски.
Тој уште еднаш нагласи дека е „рационален оптимист“, односно дека верува во решение, потенцирајќи дека ќе работи тоа решение да се оствари.
Бугарска владина делегација, предводена од премиерот Кирил Петков утре ќе допатува во посета на Скопје