Премиерот Димитар Ковачевски денеска во „РЕК Битола“, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, генералниот директор на ЕСМ Васко Стефанов, раководството на РЕК, раководители, вработени во енергетските капацитети, во присуство на медиуми, го означи крајот на грејната сезона за оваа година.
– Во текот на целата грејна сезона имаше струја и парно, рестрикции немаше. Зголеменото домашно производство, донесе стабилна цена. Планот даде резултат. Тоа е најдобар демант за критичарите и квази експертите кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија и го вознемируваа народот, истакна премиерот Ковачевски.
Енергетската транспарентност, подвлече премиерот, ја издигнавме највисоко на листата на приоритети и цели шест месеци во текот на грејната сезона секој ден објавуваме информации за состојбата со производството на електрична енергија. Покажавме, рече, како транспарентно и успешно се справуваме со економско–енергетската криза од светски размери.
Осврнувајќи се на почетокот на грејната сезона на 15 октомври 2022 година, Ковачевски потсети дека на самиот нејзин старт имаше седница на Совет за безбедност во државата, на кој беше презентиран планот што не водеше во текот на целата ова грејна сезона и истакна дека уште тогаш посочил оти имаат многу јасно и активности и кадровски ресурси и контакти со соседните држави, со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија.
– Тогаш кажав дека постојат и ризици кои доколку се остварат тогаш како многу други држави ќе имаме проблеми. Но, токму поради стручноста, напорот кој го дадоа сите вработени во ЕСМ Македонија ние имавме непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во текот на целата зимска сезона. Во услови на најголема светска енергетска криза, кога дел од земјите го пролонгираа стартот на грејната сезона, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона, рече во обраќањето Ковачевски.
Оваа зима, која беше исклучително комплексна и со очекување геополитичките случувања да кулминираат преку енергетски условувања, потенцира премиерот, ние имавме само една цел, а тоа е да ги заштитиме граѓаните и да ја одржиме ликвидноста на компаниите, како во електроенергетскиот сектор така и во сите други области на индустријата и услугите.
Тој нагласи дека со зголеменото е домашното производство, ЕСМ во целост, односно 100 проценти, обезбеди струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Паралелно, наведе Ковачевски, го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град Скопје и таму обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија. Според Ковачевски, ова биле првите стратешки оперативни чекори кои се направија од Планот за справување со енергетската криза.
– Сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична и топлинска енергија беше фокусот во Планот што го изработи и спроведе Економско-енергетскиот тим. Сега кога завршува грејната сезона, можам само да бидам горд на резултатите кои ги постигнавме и на заедничкиот успех: Кризата ја претворивме во можност, истакна меѓу другото премиерот.
Помошта од нашите сојузници и стратешки партнери, како и на Европската Унија со 80 милиони евра, оцени Ковачевски, беше многу значајна за да успееме да ги реализираме нашите напори да нема ценовен шок за граѓаните и сметките за струја да останат исти.
Ковачевски сублимира дека ро рамки на грејната сезона 2022/2023, од октомври до март имаме вкупно домашно производство на електрична енергија од 2,7 милиони мегават часови. Во споредба со претходната грејна сезона 2021/2022 има зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45 проценти односно, имајќи предвиде дела во овие шест месеци минатата година се произвеле вкупно 1,8 милиони мегават часови електрична енергија.
– Ова е патриотизам во 21 век – со посветена работа работниците ја докажаа и одбранија енергетската независност на државата и работеа со капацитети стари 40 години на нивно одржување ремонт и на нивно постојано држење во функција со цел да се произведува електрична енергија, изјави Ковачевски, изразувајќи благодарност до работниците од енергетскиот сектор за нивната професионалност и посветена работа, за трудот, знаењето и несебичниот пристап во справувањето со секојдневните предизвици со кои се соочиле.
Дополнително, потсети тој, за стопанството Владата ја намали цената на струјата за 20 проценти за 72 илјади фирми кои се на регулиран пазар, а немаше зголемување на цената за домаќинствата.
– Само сетете се пред 6 месеци критизерите и лажните експерти кои обвинуваа дека ќе се зголеми цената на електричната енергија за 50 и 60 проценти. Ова е најдобар демант за тоа дека не само што не се зголеми цената на електричната енергија туку заради вас цената на електричната енергија е намалена за голем дел од потрошувачите. Во услови на најголемата светска енергетска криза го донесовме најголемиот пакет антикризни мерки во регионот, оценет и од Светска банка, за граѓаните и за компаниите и за одржување на ликвидноста на компаниите од над 760 милиони евра. Сите мерки ги носевме во консултација со сите засегнати страни, со стопанството, владини институции, по сеопфатни анализи и истите ги донесовме навреме, додаде Ковачевски.
Тој потсети дека по мерката за субвенционирање на струјата, беа замрзнати и цените на основните производи во интерес на граѓаните, додавајќи дека Владата ќе продолжи и натаму да се грижи и за граѓаните и за стопанството. Премиерот порача и дека никој не треба да профитира во услови на криза, напротив, солидарноста е таа која е приоритетна во овие моменти.
Според Ковачевски, расте интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија. Од 1 јануари 2022 до 31 март 2023 – инсталиран е 192 мегавати вкупен капацитет од обновливи извори. За петнаесет месеци Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги , информира, има издадено лиценци за 400 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за вкупна инсталирана моќност од 192 мегавати што е приклучена на мрежа за една година и три месеци и со која може да се задоволат потребите на домаќинствата со просечна потрошувачка од десет градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св. Николе, Ресен, Дојран, Дебар и Виница. Или 76 000 домаќинствата.
– Нема подобро место за да се направи споредба за тоа што е направено во делот на обновливите извори на енергија од ова место. Обновливите извори на енергија кои се инсталирани во мандатот на оваа Влада се со капацитет поголем од капацитетот кој го произведува еден блок во РЕК Битола. И ќе продолжи трендот на зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија. Со овој тренд на инвестиции е намалена енергетската зависност на државата. Наместо 30 проценти, сега за потребите на сите потрошувачи меѓу кои и индустријата, малото стопанство има увоз од околу 11 проценти, изјави премиерот.
Тој оцени дека сите овие трендови водат кон зголемување на енергетската независност на земјата, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и во крајна цел реализација на Планот на Владата, во корист на граѓаните, на компаниите и на нашата држава.
– Доколку ЕСМ продолжи со реализацијата на зголемено производство, тоа ќе биде аргумент плус, кој ќе и овозможи на Регулаторната комисија за енергетика да носи одлуки во интерес на граѓаните. Ние правиме се што е во наша моќ – а тоа е да го реализираме планот за зголемено производство, за цената да биде стабилна и граѓаните да користат евтина тарифа. Дали истата ќе има проширени интервали на користење, во текот на наредниот период ќе покажат анализите на Регулаторната комисија, рече Ковачевски.
На настанот, беа доделени благодарници за вработените кои неуморно работеа во услови на најголемата светска енергетска криза по Втората светска војна.