Ќе ги мотивираме и обединиме членовите на партијата активно да се вклучат и работат со цел СДСМ да ја вратиме на ниво на резултати коишто ги имавме пред локалните избори, изјави Димитар Ковачевски, кандидатот за претседател на СДСМ презентирајќи ја својата програма во телевизиското гостување на Канал 5.

Во емисијата „Само Вистина“, Ковачевски изјави дека во партијата треба да бидат вклучени сите нејзини членови со цел да се слушне нивниот глас, да се идентификуваат слабостите и да се постапува за нивно решавање.

„Во партијата единството не е само декларативно туку единство е да можеме да седнеме на маса да ги кажеме слабостите сите заедно и врз основа на идентификација на тие слабости да можеме да подготвиме програма со којашто ќе постапиме како во партијата така и пред граѓаните. СДСМ е подготвена да се справи со потребите и со предизвиците во општеството. Реформите во партијата се неминовни бидејќи тие секогаш носат нов квалитет и нова енергија, партијата треба да биде организирана и да биде функционална“, рече Ковачевски на Канал 5.

Голем фокус Ковачевски става и на одговорноста на носителите на јавните функции, затоа тој наведува дека секој функционер мора да носи одговорност. Според него тоа е начин како тој функционер ќе биде одговорен во извршувањето на своите задачи.

На прашањето за кадровски промени во партијата, Ковачевски рече дека сè уште е рано да се зборува, но критериумот кон кој ќе се придржува при креирањето на кадровската политика во партијата ќе го задржи на ниво на Влада, а тоа е дека ќе бидат предлагани луѓе професионалци коишто ќе бидат дел од СДСМ, коишто ги делат вредностите на СДСМ, меѓутоа и поседуваат професионални квалитети за да можат на најдобар начин да се справат со предизвиците коишто ги има во ресорните министерства коишто ќе бидат делегирани. За следната Влада Ковачевски вели дека таа ќе биде формирана врз основа на вредности, програмски определби и способности за справување со најголемите предизвици коишто во моментот ги имаме, а тоа е отпочнување на преговорите со ЕУ, енергетската криза и растот на економијата.

„Имаме предизвик да го задржиме животниот стандард на граѓаните во услови на една ваква криза, бидејќи околу две години здравствена криза има и економски ефекти, исцрпени се граѓаните, исцрпено е стопанството, но и да го реализираме буџетот за 2022 и среднорочната рамка до 2026 кои многу јасно покажуваат развојна компонента, односно свртување кон инфраструктурни инвестиции, инвестиции во здравство, инвестиции во образовната инфраструктура“, изјави Ковачевски.

Што се однесува до предвремените парламентарни избори Ковачевски смета дека во овој момент не се потребни од причина што честите избори практично го стопираат стопанството.

„Тоа не ни е потребно во овој период заради тоа што, пак повторувам, ние се наоѓаме во време на пандемија, имаме пропратни економски кризи и сите сили треба да бидат насочени кон справување со тие кризи, но исто така вие сте сведоци дека почнаа да се потпишуваат договори со големи инвеститори особено во електроенергетскиот сектор и ВПД со францускиот инвеститор за ветерници, со францускиот инвеститор за соларниот парк и со други два помали инвеститори“, изјави Ковачевски.