Претпоставки и шпекулации се информациите во јавноста дека со Алтернатива сме разговарале за распределување ресори или за определени имиња. Не сме дојдени на тоа ниво, туку зборуваме за одговорности во Владата по одредени прашања, вели кандидатот за претседател на СДСМ и заменик-министер за финансии, Димитар Ковачевски.
Ковачевски, кој вечерва гостуваше во дневникот на ТВ Сител, рече дека до крајот на неделата ќе има уште една или две средби. Во тек се внатрепартиските консултации.
– Вчера имавме разговори со Гаши и неговиот тим, кажавме дека е постигнат напредок во усогласувањето на програмските определби на новата можна влада. Ги разменивме и нашите мислења во однос на преземање одговорности во Владата кој би е формирла ако се постиген договор. Остана да се спроведат разговори низ партиите и да се видиме уште еднаш или двапати до крајот на неделата. Во овој момент воопшто не беше тема распределувањето ресори и определување имиња, тоа што се зборува во јавноста се претпоставки и шпекулации, рече Ковачевски и изрази надеж дека со Алтернатива ќе биде постигнат договор.
Според него, кој ќе биде примиер прво зависи од внатрепартиските избори во СДСМ. Потоа следува разговор и одлучување во партиските тела. Откако тука ќе се дефинира кој е мандатарот предложен од СДСМ, треба да се помине и филтерот на разговори со коалициските партнери. На крајот доаѓа гласањето во парламентот.
Ковачевски нагласи и дека кон Заев има голема почит.
– Тој ги донесе најтешките одлуки во државата благодарение на кои сме членка на НАТО и сме на чекор до почеток на преговорите со ЕУ. И при најавата на оставката тој кажа дека ќе остане премиер додека не се оформи парламентарно мнозинство кое ќе може да се справува со енергетската криза, пандемијата и евроинтеграциските процеси. Неговото останување на премиерското место не би го ограничувал временски на денови, недели или месец два се додека се овие процеси актуелни и додека тој може да име позитвно влијание врз нив, истакна Ковачевски.
Ако биде избран за претседател на СДСМ, Ковачевски, како што рече, ќе се потруди да ги идентификува најдобрите кадри и да привлече стручни лица однадвор, како и луѓе од дијаспората од приватниот сектор и науката, кои ќе можат да преземат одредени одговорности за поефикасно справување со предизвиците не само на партиско, туку и на институционално ниво.
– Давање фер шанса на најдобрите и во партијата и во државата е мојата цел, подвлече Ковачевски.
На прашањето дали ќе ги врати дистанцираните членови на СДСМ како Максим Димитриевски, одговори дека е секогаш подготвен за разговор и отворен да слушне различни мислења
– СДСМ има над 80.000 членови и сите делат социјалдемократски вредности. СДСМ има демократски капацитет да има и спротивставени мислења на членовите. Треба да се седне и да се разговара за да се види како може да се усогласат различните мислења и од тоа да се извлече нов квалитет. Ако бидам избран за претседател на партијата ќе бидам отворен секогаш за разговор со секој што има различно мислење, а дали јас ќе го иницирам тоа или некој друг, е ирелевантно, потенцира Ковачевски.
За спорот со Бугарија рече дека е задолжено МНР со учество на премиерот и СЕП.
– Се одвиваат раговори, ги немам деталите зашто сум дел од економските владини ресори. Не би сакал да прејудицирам одредени коментари кои би можеле да влијаат на процесот. Бугарија е наш прв сосед со кој треба да ги развиваме сорботка на сите нивоа и полиња. Со оглед дека земјава ги исполни сите предуслови на ЕУ и последоватлено има четири позитивни извештаи, сметам дека сега е време ЕУ да определи датум за прва меѓувладина конференција и почеток на преговорите, а Резолуцијата донесена во Парламентот со која се деифнирани црвените линии се почитува, нагласи Ковачевски.