Скопје и Софија треба да изнајдат решение за отворените прашања и штом тоа ќе се постигне тоа ќе биде споделено со јавноста, додека Франција како претседавач со ЕУ ги олеснува разговорите помеѓу двете страни, но не постои конкретен предлог на маса, изјави денеска во Пробиштип премиерот Димитар Ковачевски.
– Прво, во изминатите 30 дена се шпекулираше дека имало решение и дека некој го криел тоа решение. Јас цело време одговарав дека разговорите за отворените политички прашања помеѓу Република Бугарија и нашата држава се водат на ниво на МНР и овој викенд се уверивме дека разговорите навистина се водат на ниво на МНР. Прво беа на ниво на експерти, а сега се водеа на ниво на министри за надворешни работи. И секој пат кажував дека во моментот кога ќе има решение што е прифатливо за двете страни, кое што се базира на европските вредности, кое што го задржува достоинството на политичарите, институциите и сите граѓани на двете држави и кое што ќе биде прифатливо за двете страни ќе може да биде споделено со институциите, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
Во однос на тоа дали ќе има нова средба по вчерашните разговори на шефовите на дипломатии на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска и „што содржи францускиот предлог“, Ковачевски нагласи дека нема таков предлог од Франција.
– Франција е претседавач со ЕУ и јас го гледам залагањето на претседавачот со ЕУ, на претседателот на Франција и нормално на француското МНР оваа тема да се стави високо на агендата на претседателствувањето на Франција со ЕУ. Во рамките на нивните ингеренции и капацитет тие помагаат во фасилитирање на разговорите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, меѓутоа не постои конкретен предлог на маса којшто ќе каже ова е тој предлог, бидејќи сепак треба ние да изнајдеме решение како соседи што ќе биде навистина основа за да можеме да градиме добрососедски односи и да претставува основа за одржување на прва меѓународна конференција за нашата држава со ЕУ, рече Ковачевски по посетата на фабриката „Таб Мак“ во Пробиштип.
Запрашан дали останува забраната за прелет на руските авиони над нашата држава во контекст на одбивањето за користење на воздушниот простор за лет до Белград на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, премиерот рече дека овој лет нема поинаков третман и останува забраната согласно одлуките на ниво на НАТО и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ.
– Ние имаме донесено одлука за забрана за прелети на руски авиопревозници преку територијата на нашата држава. Ние сме членка на НАТО, што значи дека одлуките кои се носат во НАТО се и наши одлуки и ние имаме целосно усогласена надворешна политика со политиката на ЕУ. Во однос на конкретниот авионски лет нема никаков друг третман во однос на одлуката која што е донесена која е во сила и која останува во сила. Во однос на конкретниот авионски лет нема никаков друг третман, рече Ковачевски.